Јемен ќе биде „гробница“ за САД, предупредија Хутите

Висок член на движењето на шиитската заедница Хути, поддржано од Иран, се закани дека ќе го претвори Јемен во „гробница“ за Соединетите држави, по најновите американски воздушни напади врз цели на движењето коешто контролира поголем дел од територијата на цемјата којашто има стратешка позиција на Црвеното Море.

„Лидерите, вооружените сили и народот на Јемен се целосно подготвени да влезат во директна и општа војна со Големиот Сотона за одбрана на Палестина“, вели Али ал-Кахум во интервју за иранската државна новинска агенција IRNA објавено во понеделникот, користејќи го погрдниот термин за САД.

По најновите американски напади, ал-Кахум предупреди: „По оваа агресија, Јемен ќе се претвори во гробишта за Американците и тие ќе го напуштат регионот понижени“.

Повеќе од три месеца по почетокот на војната во Газа, расте загриженоста дека конфликтот ќе се прошири во регионален пожар. Во последните недели, шиитските Хути, односно нивната милиција „Ансар Алаа“ (Ансарула)  која е сојузник со војниците лојални на поранешниот јеменски претседател Али Абдел Салех, постојано напаѓаа бродови во Црвеното Море на пат кон Израел или во израелска сопственост. Како одговор, САД и Велика Британија ги бомбардираа позициите на милитантната исламистичка група во Јемен.

Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан уште еднаш ги отфрли обвинувањата дека неговата земја е директно вмешана во нападите.

„Силите на отпорот во регионот, вклучително и Јемен, дејствуваат независно и во рамките на нивните интереси“, рече министерот во неделата, според IRNA.

Откако започна војната во Појасот Газа меѓу изралеската војска и сунитското исламистичко палестинско движење Хамас, шиитските Хутите се гледаат себеси како дел од таканаречената „оска на отпорот“, мрежа која се бори против Израел со поддршка на Палестинците, заедно со другите групи во регионот кои се сојузници со Иран.