Емилио Сера: Имате важна заслуга за стабилноста во регионот и ЕУ тоа треба да го земе предвид

Шпанија ги поддржува вашите европски стремежи во последниве години. Ќе продолжиме и во иднина. Свесни сме за важниот придонес кон стабилноста на регионот што го постигнавте преку помирувањето со Бугарија и со Грција (преку Преспанскиот договор) и сметаме дека тоа е важна заслуга што треба да се земе предвид.

Ова го вели во интервју за МИА амбасадорот на Кралството Шпанија во нашата земја Емилио Лоренцо Сера, запрашан за ставот на официјален Мадрид во однос на доделување датум за отворање на преговорите за членство на земјата во ЕУ на претстојниот Совет на Унијата закажан за 15 октомври.

Во однос на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО пред самитот на Алијансата во Лондон, Сера нема конкретен одговор, но, сепак, остава можност тоа да се случи. Според него, извонреден успех за земјата е што само за девет месеци документот го ратификуваа 22 од 29 членки на НАТО.

– Де факто, Северна Македонија е членка на НАТО. Преостануваат само формалности. Но, со оглед на претходните искуства на членките во процесот на ратификација, обично се потребни една и пол до две години, или 18 – 24 месеци. А до самитот во Лондон ќе бидат изминати само десет месеци откако го потпишавте Протоколот. Значи сте постигнале крајно добар резултат. Факт е дека ќе ја прославите 70-годишнината од основањето на НАТО во Лондон со сите нас. Како гостин, вашите претставници – било претседателот, било премиерот, ќе седат покрај генералниот секретар. Ако сте полноправен член, на некој начин, ќе бидете изгубени меѓу останатите 29 члена. А дали Шпанија ќе го ратификува пред Лондон, жал ми е, но не можам ниту да потврдам ниту да одречам. Можно е, вели амбасадорот Сера.

Северна Македонија и Кралството Шпанија воспоставија дипломатски односи во јули 1994 година. Релациите се пријателски, но ретки се посетите на политичко ниво. Последната висока посета на земјава е на шпанскиот министер за надворешни работи Мигел Моратинос во 2010 година во својство на претседавач со ЕУ (вицепремиерот Бесими во 2014). Како ги оценувате билатералните релации?

Многу пријателски. Во двеве години откако сум aмбасадор во Скопје се одржаа четири состаноци меѓу министрите за надворешни работи, не во Скопје и Мадрид, туку во Давос, Виена, Братислава, а заменик-министрите се сретнаа во Малага. Ќе ми беше многу драго да дојдеше и нашиот министер, но се надевам дека ќе дојде наскоро. Веќе речиси сте во НАТО и почнувате преговори со ЕУ. Кога тоа ќе се случи, убеден сум дека оваа размена на посети ќе стане многу пофлуидна и ќе ги облагороди нашите односи што секако се добри, но признавам дека има и простор за тие да се подобрат. Имаат потенцијал да се прошират на различни полиња.

Преовладува мислењето дека не се искористени потенцијалите за соработка, особено на економски план (трговската размена во 2013 изнесувала 84,3 милиони евра, а странски директни инвестиции од 1997 до 2013 се под половина милион евра). Може ли да очекуваме повеќе иницијативи за унапредување на соработката на овој план?

Во областа на трговијата и инвестициите, главните инвестиции се во рацете на приватните компании. Сепак, мислам дека треба јасно да ги разграничиме трговијата и инвестициите. Во трговијата, развојот е разумно добар, за Северна Македонија. Шпанија во последните години беше речиси постојано на деветтото место на странските купувачи на вашето производство наменето за извоз. Не е лошо. Но точно е дека инвестирањето е слабо, признавам. Ќе ми беше мило да имаше повеќе шпански инвестиции во Северна Македонија. Сепак, како што вашата земја ги зајакнува владеењето на правото и доброто управување, станува уште попривлечна за странските инвеститори воопшто, па сигурно ќе се вклучат и шпански компании.

Шпанија е поддржувач на евроинтеграцијата на РСМ и на проширувањето на ЕУ со Западен Балкан. Каков е ставот на официјален Мадрид во однос на доделување датум за отворање на преговорите за членство на земјата во ЕУ за претстојниот Совет на Унијата?

Шпанија ги поддржува вашите европски стремежи во последниве години. Ќе продолжиме и во иднина. Свесни сме за важниот придонес кон стабилноста на регионот што го постигнавте преку помирувањето со Бугарија и со Грција (преку Преспанскиот договор) и сметаме дека тоа е важна заслуга што треба да се земе предвид.

Во тек е процесот за ратификација на Протоколот за НАТО. Од 29 земји членки досега го имаат потпишано 22, а во шест држави процедурите се во тек. Шпанија се очекува тоа да го стори по предвремените избори закажани за 10 ноември годинава. Има ли можност Мадрид да ја заврши ратификацијата во декември со што ќе се овозможи РСМ да стане официјално 30-та членка на Алијансата на самитот закажан на 3 и 4 истиот месец во Лондон?

Пред сѐ, дозволете ми да ви честитам, како на граѓанка на Северна Македонија, за извонредниот успех што само за девет месеци ве ратификуваа 22 од 29 членки на НАТО. Тврдам дека ова е извонреден успех. Де факто, Северна Македонија е членка на НАТО. Преостануваат само формалности. Но, со оглед на претходните искуства на членките во процесот на ратификација, обично се потребни една и пол до две години, или 18 – 24 месеци. А до самитот во Лондон ќе бидат изминати само десет месеци откако го потпишавте Протоколот. Значи сте постигнале крајно добар резултат. Факт е дека ќе ја прославите 70-годишнината од основањето на НАТО во Лондон со сите нас. Како гостин, вашите претставници – било претседателот, било премиерот, ќе седат покрај генералниот секретар. Ако сте полноправен член, на некој начин, ќе бидете изгубени меѓу останатите 29 члена. А дали Шпанија ќе го ратификува пред Лондон, жал ми е, но не можам ниту да потврдам ниту да одречам. Можно е.

Дали тоа ќе зависи од резултатот на изборите?

Не е толку поврзано со резултатот од изборите колку што е со времето што треба да помине по изборите и начинот на кој се избираат членовите на Парламентот. Тоа е прашање за експертите по парламентарното право и жалам, тоа мене не ми е специјалност. Јас сум дипломат по професија, а таа област е крајно специјализирана.

Кралството Шпанија деновиве ќе го одбележи својот Национален ден – 12 Октомври. Кои се предизвиците за земјата во наредниот период?

Шпанија одамна е свесна дека ниедна земја не може да се соочи сама со предизвиците што ги носат сегашноста и иднината. Затоа веќе со години сме сплотени кон целите на нашите партнери ЕУ и НАТО. Главните предизвици пред нас се енергетската транзиција, за да се ублажат климатските промени; управувањето со миграциските текови, популизмот, борбата против тероризмот. Сите овие предизвици можат да се решат успешно само ако соработуваме, како што реков, во одредени случаи во рамките на ЕУ или НАТО. Во други случаи, пак, дури ни овие две важни организации не се доволно големи за да се соочат со некои предизвици. Затоа, Шпанија е посветена и на соработката со ОН и, секако, ОБСЕ. Во контекст на ОН, би сакал да ја споменам и важноста на Агендата 2030 на која Шпанија ѝ припишува приоритет.