Еминентни партиски фунционери на ВМРО-ДПМНЕ се приклучија на иницијативата за поддршка на актуелниот македонски претседател Ѓорге Иванов, дознава порталот „Курир“ од партиски извори.
ВМРО-ДПМНЕ вчера ги потврди информациите дека кај нив пристигнала иницијатива со поддршка на актуелниот претседател на која се потпишале педесетина интелектуалци и јавни личности.
Како што дознава „Курир“ од партиски извори од ВМРО-ДПМНЕ, на ваквата иницијатива за поддршка на Иванов се приклучиле и еминентни партиски фунционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, пратеникот и поранешен шеф на дипломатијата Антонио Милошоски, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, Ивица Коневски, Горан Трајковски, охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, Весна Јаневска, Билјана Беличанец, Владимир Нелоски, Ашим Зекировски и други.
Претходно, „Канал 5“ објави дека водејќи се од општествениот и државниот напредок на Македонија на полето на културата , уметноста, образованието здравството , спортот потписниците на иницијативата бараат конвенцијата на владејачката партија да му даде безрезервна поддршка на Иванов. Иницијативата тргнува од фактот што актуелниот претседател е најголем поддржувач и чувар на вредностите кои се носечка сила на Македонската државност.
На иницијативата меѓу другите досега се потпишале професорот и дипломат Љубиша Георгиевски, сопругата на починатиот претседател Борис Трајковски, Вилма, академиците Цветан Грозданов, Томе Бошевски, докторите Аспасија Софијанова, Александар Караѓозов, Борче Георгиевски, Марија Хаџи Лега, Андон Чибишев, и Звонко Маринковиќ. Својот потпис на иницијативата го ставиле и ректорот на универзитетот Свети Кирил и Методиј, професорот и дипломат Јордан Плевнеш, валдиците Агатангел и Пимен како и Оџата Зекир Садикоски.
Меѓу потписниците се и спортистите Индира Кастратовиќ и ракометарот Наумче Мојсоски. Од уметниците својот потпис за Иванов го ставиле сценаристот Братислав Димитров, режисерот Дејан Пројковски и други.