Плетениот џемпер (кардиган) на починатиот фронтмен на бендот Nirvana, Курт Кобејн, е продаден на наддавање на Julien’s Auction во Њујорк, за 334 илјади американски долари, објави аукциската куќа на својата интернет страница.
Оригиналниот кардиган, во кој Кобејн настапи во 1993 година на легендарниот концерт MTV Unplugged во студиото на „Sony Music Studios“, пред аукцијата беше проценет на 200 до 300 илјади долари. Видео и аудио верзиите на овој настап беа објавени во 1994 година, по смртта на Кобејн и се сметаат за едни од најбараните и најпознати снимки во живо на Nirvana. Постигнатата цена ја надминува процената, и според телвизијата CNN, џемперот стана најскапото парче облека кога и да е продадено на аукција.
Како што објавија од аукциската куќа, зелениот џемпер го понудил Џеки Фари, близок пријател на семејството Кобејн. Во 2015 година, кардиганот на Курт Кобејн веќе беше продаден на аукција на Julien’s Auction за 137.500 долари, откако претходно беше проценет на 60.000 долари.
На истото наддавање во била продадена и гитарата на Кобејн. Сината „Fender Mustang“, од 1993 година, на која свиреше во текот на турнејата „In Utero“, е продадена за 340 илјади долари, а беше процената меѓу 300.000 и 500.000 долари.
На истата аукција за 21.875 долари е продаден и договорот на Nirvana со издавачката куќа „Geffen Records“, потпишан од сите членови на триото – Кобејн, Крист Новоселик и Дејв Грол. Ова парче хартија претходно беше проценето на две до три илјади долари.
Легендарниот бенд Nirvana беше формиран од Кобејн и Новоселик во 1987 година во Абердин, американската сојузна држава Вашингтон. Групата сними три студиски албуми, и стана еден од најистакнатите претставници на алтернативната сцена во Сиетл и на гренџ стилот во музиката. Nirvana освои неколку престижни музички награди, како што се Grammy, American Music Awards и редица други. Во 1994 година, на 27-годишна возраст, Кобејн кој се соочуваше со зависност од наркотици и психички проблеми, си го одзеде животот.