Протоколот содржи исклучително амбициозни мерки, кои во пракса имаат за цел да решат многу од отворените прашања. Ова не е документ сам по себе, туку составен дел од пакетот на таканаречениот „француски предлог“. Оттука, продолжи работата на ниво „експерти“ со тим од Репоблика Северна Македонија, рече денеска бугарската министерка Теодора Генчовска во Софија на прес-конференција по церемонијата на потпишувањето на билатералниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство.
За протоколот бугарските медиуми известуваат дека ќе биде дел од преговарачката рамка на Скопје за членство во ЕУ и содржи мерки за наставните програми за историја, говор на омраза и култура.
Генчовска рече дека отсега зависи само од Македонија кога земјата ќе влезе во ЕУ и колку долго ќе се одолговлекува преговарачкиот процес.
– При одредувањето датум за првата меѓувладина конференција од страна на чешкото претседателство со ЕУ, Република Северна Македонија ќе има политичка меѓувладина конференција. Дури по овој процес ќе има втора меѓувладина конференција, по што всушност ќе започне преговарачкиот процес. Овој период зависи од властите во РСМ, може да трае три месеци, како што беше при промената на името на државата, може да трае две години. Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на РСМ. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик“, нагласи таа.