„Енергетска иднина со македонски потпис – Форумот во Бангкок носи нови партнерства“

Македонија ја зацврстува својата посветеност на правичната енергетска транзиција преку учество на 13-от Меѓународен форум за енергија за одржлив развој што се одржува во Бангкок, Тајланд. Форумот, организиран од организиран од петте регионални комисии на Обединетите нации, се одвива под темата „Праведна енергетска транзиција“ и собира клучни носители на одлуки, експерти и организации со цел да ја поттикнат глобалната соработка за енергетска одржливост.

Претставник на Министерството за енергетика на оваа значајна конференција е м-р Елена Ивановска, Кабинетски службеник за следење на стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Ивановска учествуваше на неколку клучни панели, вклучувајќи:

  • Сесијата за праведни политики за транзиција, каде што ги истакна македонските напори за обезбедување енергетска пристапност за сите граѓани, со акцент на социјалната одговорност и праведност.
  • Дискусијата за глобални зелени инвестиции, каде што претстави можности за инвестирање во обновливи извори на енергија во Македонија, како и нашите планови за зајакнување на енергетската сигурност.

Во своето обраќање, Ивановска порача:
„Учеството на вакви форуми е исклучително важно за Македонија. Оваа платформа ја гледаме како можност да ги истакнеме нашите напори за развој на обновливи извори на енергија и креирање стратегии за енергетска отпорност. Размената на најдобри практики и поврзувањето со експерти од целиот свет ни овозможува да ги зајакнеме нашите капацитети за спроведување на зелени политики и поттикнување економски раст заснован на одржливи принципи.“

Особена благодарност упатуваме до UNDP Северна Македонија за поддршката во овозможувањето на учеството на овој форум, кој отвори можности за нови партнерства и зајакната соработка.

Министерката за енергетика, г-ѓа Сања Божиновска, преку писмо до UNECE (регионална комисија на ООН) која го о организира овој форум, иницираше можност Северна Македонија да биде домаќин на следниот Меѓународен форум за енергија и одржлив развој во 2025 година. Со ова, земјата ќе се позиционира како регионален лидер во зелената транзиција, покажувајќи ја својата посветеност на меѓународна соработка и одржлив енергетски развој.