Mинистерката за енергетика Сања Божиновска, денеска на прес конференција изјави дека во следните седум дена ќе се прави енергетскиот биланс.
„Ги гледаме состојбите, односно колку електрична енергија ќе ни недостига. Ќе гледаме да набавиме на малку подолгорочен рок, односно нема да купуваме недела однапред енергија бидејќи тогаш е навистина многу скапо“, рече Божиновска.
Прашана дали ќе поскапи производната цена на електричната енергија на ЕСМ од 1 јануари идната година, а со тоа и цената што ја плаќаат граѓаните, рече дека финалната цена се состои од повеќе импути, меѓу кои и цената на електрична енергија од ЕСМ.
-Ќе работиме за најдобриот интерес за граѓаните. Никој не би сакал да види поскапување на електричната цена, меѓутоа тука влегуваат и трошоците од МЕПСО, значи не е само цената на ЕСМ. Ние ќе дискутираме и ќе видиме колку проценти ќе се понудат. Како што знаете минатиот пат претходната влада понуди 85 проценти, па потоа ние понудивме уште 15 проценти на универзалниот снабдувач, така што во ноември би требало да се разјаснат овие работи. Има време за тоа, прецизира Божиновска.