На европските берзи во петокот претпладнето индексите пораснаа, по тридневниот пад, што најмногу се должи на растот на цените на акциите во енергетскиот сектор, откако порасна цената на нафтата.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции се зголеми за 0,4 отсто претпладнево, намалувајќи ги загубите од претходните три дена. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,60 отсто, на 8.228 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,47 отсто, на 18.295 поени, а парискиот CAC за 0,06 отсто, на 7.535 поени.
Растот на индексите главно се должи на скокот на цените на акциите во енергетскиот сектор, во просек за 1 отсто, со оглед на тоа што цената на нафтата трета недела по ред е на патеката на добивки.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, со исклучок на јапонските, порасна за 0,3 отсто во истиот период од тргувањето како и во Евопа, и е на пат да добие повеќе од 3 отсто овој месец. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Хонгконг и Шангај пораснаа меѓу 0,1 и 0,7 отсто.
Азиските инвеститори се внимателни, бидејќи се загрижени за зголемената инфлација во неколку земји, вклучувајќи ги Австралија и Канада. Долго време на пазарите се сметаше дека циклусот на зголемување на каматните стапки во светот е завршен и дека следува олабавување на монетарната политика. Сепак, растот на инфлацијата во Австралија и пораката од тамошната централна банка дека на последната седница се разговарало за зголемувањето на каматните стапки предизвика страв од дополнително заострување на монетарната политика.
Вчера на Волстрит тргувањето беше многу претпазливо бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат ризици пред објавувањето на новиот извештај за инфлацијата во САД, што може да влијае на насоката на пазарот. Dow Jones и S&P 500 индексите ајакнаа за 0,09 отсто, а Nasdaq за 0,30 отсто.
Подоцна во петокот ќе биде објавен извештајот за инфлацијата во САД во мај, а инвеститорите се надеваат на дополнително ублажување на инфлацијата, што ќе ги поддржи надежите за позначајно намалување на стапките од страна на американската централна банка оваа година. Последните денови, челниците на Fed изјавија дека инфлацијата сѐ уште е значително над целните нивоа на централната банка и проценуваат дека е можно едно намалување на каматните стапки до крајот на годината. Пазарот, пак, проценува дека Fed двапати ќе ги намали каматните стапки до крајот на годината, почнувајќи од септември.
„Доколку основната стапка на инфлација во САД е значително повисока од очекуваните 2,6 отсто, ова, особено по изненадувачкиот пораст на инфлацијата во Канада и Австралија, може да предизвика загриженост на пазарот дека инфлацијата во одредени земји би можела повторно да почне да расте“, вели Тони Сајкамор, аналитичар во компанијата IG.