Ентериерно уредување во Музејот на Робевци во Охрид

Во рамките на проектот кој е дел од програмата на Владата за обнова на поставките во музеите низ Република Македонија, со поддршка на Министерството за култура се реализира обновата на музејските поставки во 16 национални установи.

Како што соопшти Министерството за култура, со овој повеќегодишен проект за воспоставување постојани поставки во националните музеи од сите области: археологија, историја, историја на уметноста, етнологија, современа уметност и природонаука, музејските институции ќе добијат најрепрезентативни постојани музејски поставки, атрактивно конципирани простори кои ќе имаат современи облици на презентација на музејските експонати и кои ќе овозможат една интеракција со посетителите.

Во рамките на овој значаен проект, во моментов интензивно течат работите за ентериерно уредување на Куќата на Робевци во Охрид, која е еден од најпрепознатливите белези на охридската староградска архитектура. Со проектот, за чија реализација од буџетот на Министерството за култура се издвоени три милиони денари, се врши комплетно осовременување на ентериерот, односно замена на старите изложбени витрини со нови, но и градежни интервенции во внатрешноста на овој објект.

2robevci

Музејот на Робевци со овие зафати ќе добие три целосни комплексни поставки, и тоа етнолошка, археолошка и уметничка поставка во кои ќе биде изложено вредно културно наследство. Исто така, на влезот во објектот ќе биде изведен нов пулт за продажба на влезници и сувенири.

Како што се наведува во соопштението, на првиот кат е предвидено да биде поставена нова етнолошка поставка за постојано разгледување, која ќе претставува сегмент од етнолошката музејска збирка која содржи вкупно 2200 вредни артефакти. Предметите кои ќе бидат изложени го отсликуваат развојот на старото охридско семејство Робевци, како и начинот на живеењето на градското население во Охрид.

3robevci

На вториот кат е сместена археолошката поставка презентирана преку Златната соба која содржи вредни археолошки движни предмети кои прикажуваат различни етапи од развојот на охридската област. Меѓу значајните предмети во оваа поставка, која беше промовирана во 2014 година, се и златната маска и златната ракавица од локалитетот Горна Порта, златните обетки гулабици и многу други наоди.

На третиот кат во објектот ќе биде оформена уметничката поставка во која ќе бидат изложени највредните резби изработени од старите охридски резбари. Во изминатиот период со поддршка од Министерството за култура беше обновен екстериерот на Куќата на Робевци, при што беше извршена комплетна санација на фасадите на објектот, беше променета целата надворешна столарија и беше реконструирана покривната конструкција со што се обезбеди долговечност на овој исклучително значаен споменик на културата.