Ѓеорѓијев за МИА: Во штипската Клиничка болница испразнети сто работни места

Недостиг на лекари, медицински персонал, хигиеничари, но и друг стручен кадар е еден од најгорливите проблеми, кој веќе една деценија се провлекува низ македонскиот здравствен систем. Во Клиничката болница-Штип за само еден до два месеци си заминале 30 вработени. Во моментов, болницата работи со сто вработени помалку од предвидената бројка или тоа се сто испразнети работни места, открива во интервју за МИА директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Ѓеорѓијев.

Најкритично е на Одделението за анестезиологија кое за еден месец ќе функционира само со тројца анестезиолози. Лекари специјалисти недостигаат и на Ортопедија, Интерно, Очно, Инфективно, а медицински сестри, болничари и хигиеничари недостигаат на сите одделенија.

 

Во видео интервјуто снимено во прес-центарот на МИА во Штип, Ѓеорѓијев забележува дека болниците на свој грб ги почуствуваа пандемијата, економската и енергетската криза, кои придонесоа долгот за две до три години да се зголеми за дополнителни 40 милиони денари.

Директорот на Клиничката болница во Штип во интервјуто за МИА говори и за инвестициите, реконструкција на дел од одделот за Физикална терапија, како и за проблемите кои им ги предизвикал хакерскиот напад на Фондот за здравство.

Во продолжение следува целото интервју со видео материјал, кое беше снимено на 17 февруари:

За само две и пол години си заминале 70 вработени или Клиничката болница во Штип работи со 20 проценти помал број на вработени. Господине Ѓеорѓијев, со какви проблеми се соочувате токму поради недостиг на лекари во изминатите години?

-Информацијата веќе ја кажавте дека Клиничката болница има 70 вработени помалку овие две и пол години. Тоа е податок, којшто беше некаде до пред крајот на минатата година. Сега имавме една друга ситуација – поголем број здравствени работници и соработници заминаа во приватна болница, така што со оние кои во меѓувреме се пензионираа во овие два-три месеца дојдовме до бројка од 100 луѓе помалку во Клиничката болница Штип.

Бидејќи се работи за вработени кои се од сите профили – доктори, медицински сестри, болничари, хигиеничари итн., јасно е дека тоа мора да има одредени реперкусии врз работата на Клиничката болница Штип, така што во сите сегменти имаме одредени потешкотии во организација на работата. Се трудиме сето она што е наша задача, сите здравствени услуги што ги имаме како Клиничка болница Штип и како регионален центар на здравството во Југоисточна Македонија да го одржиме нивото, но со таков одлив на кадар којшто во моментов го имаме се потешко успеваме да го одржиме тоа ниво на здравствени услуги што ги имаме.

Рековте 100 веднаш по Нова година, каде најмногу недостигаат лекари, на кои одделенија?

-Имаме неколку оддели каде што исклучително многу ни требаат лекари. Можам да ги набројам одделите, каде што имаме сериозен проблем. Тука пред се мислам на Одделот за анестезија. Таму веќе за помалку од месец дена уште еден лекар ќе оди во пензија, така што ќе останеме со тројца анестезиолози. Имајќи предвид дека Одделот за анестезија е буквално сервис на сите други оддели, бидејќи сите имаме потреба од него, сите хируршки гранки, сметам дека во тој дел е сериозно намален бројот на лекари. Имаме проблем на Одделот за ортопедија, таму исто така имаме мал број извршители, секојдневно се создаваат метежи. Имаме исклучително многу прегледи во амбуланта, исклучително голем оперативен програм на Одделот за ортопедија. Имаме проблем на Одделот за интерни болести, таму ни фалат лекари. Имаме проблем на Одделот за очни болести, на Одделот за инфективни болести, така што има повеќе оддели каде што фалат лекари, некаде повеќе, некаде помалку, овие се оддели каде што најмногу ни фалат лекари. А, што се однесува до средномедицинскиот кадар, како и на останатиот помошно-технички персонал, како што се хигиеничари и болничари, мислам дека буквално нема оддел каде што нема недостиг.

Рековте дека недостигаат лекари и медицинскиот персонал и со кои проблеми се соочувате. Дали е потребно да се направи стратегија и мапирање на болниците и на здравствените установи во земјава за да се утврди каде е потребно под итно да се пополнат одредени работни места?

-Мапирањето постои. Клиничката болница Штип е регионален центар на највисоко ниво на здравствена заштита во Источна Македонија и сите пациенти во овој регион, од прилика зборуваме за бројка од 220 илјади граѓани, нормално дека припаѓаат под Клиничка болница Штип. Што се однесува до Стратегијата, таа е многу јасна. Значи, сите имаме систематизација во која се наведени работните места што треба да ги имаме за да функционира нормално Клиничката болница Штип. Имаме во сите делови слободни работни места коишто треба да бидат пополнети. За жал, можам да кажам, речиси три години како Клиничка болница- Штип немаме примено кадар, ниту здравствен, ниту помошен-технички персонал и сето тоа се одразува на работата на болницата. Која е причината зошто овие три години наназад немаме примено кадар? Не би можел да кажам. Ние секоја година упорно согласно законските одредби уредно ги упатуваме барањата за вработување со сите табели што се потребни, со сите барања што треба да дојдат, но се враќаат назад со негативно мислење од Министерството за финансии.

Доставивте барање до Министерството за здравство за вработување на 55 лица во болницата, меѓу кои рековте и 15 лекари. Дали добивте конечно позитивен одговор?

-Не. Значи, малку би требало да го објасниме текот на оние барања за вработување за да им биде појасно на граѓаните. Како Клиничка болница- Штип откако ќе го добиеме буџетот што го имаме за тековната година и откако ќе ни биде одобрен Годишниот план за вработување од страна на Министерството за информатичко општество и администрација упатуваме барање за вработување. Нашето барање за вработување оди во Министерството за здравство кај што треба да биде потпишано од страна на министерот за здравство. Потоа тоа се препраќа во Фондот за здравство, каде што треба да биде потпишано од двајцата директори на Фондот за здравство и на крај доаѓа до Министерството за финансии. Значи, министерот за финансии е последна инстанца, која треба да потпише и ние врз база на мислењето на Министерството за финансии можеме да распишеме или да не распишеме конкурс за вработување. Што се однесува до ова последното, пред месец дена отприлика најавив дека ние го упативме барањето, но со оглед на настаните што се случуваат на политичката сцена и неминовното заминување на министерот за здравство и негова смена, по моите информации што до овој момент ги имам, сметам дека нашето барање не е потпишано се уште од актуелниот министер за здравство, така што веројатно ќе треба да ја повториме постапката, бидејќи кога ќе добиеме нов министер за здравство ќе треба со неговиот потпис да оди нашето барање, понатаму. Така што, ние сме спремни веднаш по назначувањето на новиот министер за здравство да ја повториме постапката и повторно ќе ги побараме оние 55 вработувања за коишто говоревме во изминатиот период, а коишто се однесуваат на сите профили, коишто и недостигаат на Клиничка болница- Штип.

Дали во Штип има доволен број на млади лекари кои можат да се јават на огласот, знаеме дека младите лекари заминуваат во странство или, пак, се вработуваат во приватното здравство?

-Сметам дека ќе имаме доволна бројка на пријавени кандидати за сите позиции што ги бараме. Штип е универзитетски град, овде постои Факултет за медицински науки. Секоја година излегува нова класа на дипломирани лекари, така што и интересот за работа во Клиничката болница е поголем во однос на останатите помали градови во околината или во останатите здравствени центри. Така што, сметам дека бројката од 15 доктори што ја бараме, ќе имаме најмалку толку кандидати, ако не и повеќе, кои ќе се јават за работа, бидејќи сметам дека се уште постои желба за работа во Клиничката болница Штип и мислам дека на сите позиции што ќе ги бараме, ќе се јават доволен број квалитетни кандидати.

Имате веќе млади лекари вработени во болницата, чекаат специјализации, кога ќе се распише тој конкурс? Дали има расположение од страна на Министерството за здравство конечно да ги оддели тие средства за специјализации?

-Ситуацијата не е таква. Ние во моментов во болницата немаме ниту еден млад доктор кој нема добиено специјализација. Последниот прием на доктори беше 2019 година и сите кои се примени досега им се доделени соодветни специјализации и веќе се упатени. Значи, тие се веќе на специјализација. Бидејќи во изминатиот период немаме примено нови лекари, не сме ни барале специјализации да ни одобри Министерството за здравство. Во моментот кога ќе дојдеме во ситуација, се надевам дека тоа ќе се случи многу брзо, спрема бројката на доктори што ја имаме и спрема ургентните оддели каде имаме потреба од специјалисти, ќе бидат побарани соодветните специјализации. Досега секогаш ни било излегувано во пресрет од страна на Министерството за здравство и ни биле доделени специјализации, така што во моментот немаме млад лекар кој не е упатен на специјализација.

Господине Ѓеорѓијев, годинава имате буџет од околу 600-тини милиони денари. Тоа се средства од Фондот за здравство, меѓутоа и ваши сопствени средства. Со овие пари дали може да се инвестира во болницата или пак, овие средства се само за да се затворат одредени дупки? Дали има можност да се врати долгот?

-Во делот на буџетот од прилика 560 милиони е делот што учествува Фондот за здравство, значи тоа е т.н. договорен надоместок од страна на Фондот за здравствено осигурување, а останатиот дел од прилика околу 60 милиони денари се средства што ние ги собираме. Тоа се наши сопствени средства, така што во креирањето на буџетот влегуваат овие две ставки. Со овие средства што ги имаме го направивме планот за јавни набавки за оваа година. Секако дека ставивме и работи што ќе ги набавиме и апаратура што ќе биде нова. Тоа е опрема што ја бараат одделите како замена за дотраената апаратура, таа апаратура ќе биде нова и ќе служи за воведување нови методи. Би набројал неколку апарати што е во план да ги набавиме оваа година. Ќе набавиме ендоскоп со можност за правење гастроскопија и колоноскопија за Одделот за интерни болести, бидејќи веќе имаме нов супспецијалист гастроентерохепатолог, за неколку месеци ќе добиеме уште еден со цел бидејќи веќе имаме еден таков апарат, да имаме два и да ја зголемиме бројката на прегледи. Ќе добиеме и нов апарат којшто досега сме го немале, се работи за апарат за оптичка кохерентна томографија. Тоа се работи за дијагностика и снимање на процеси на болести, на повреди на задниот сегмент на окото со што ќе можеме да помогнеме на луѓето кои имаат дијабет и онаа т.н. дијабетична ентеропатија и за дијагностика на нивните болести и за можност за примање на терапија, нешто за кое што досега пациентите ги упатувавме во Скопје. Ќе добиеме веројатно и нов помал апарат за анестезија, апарат за операција на крајници, за потребите за Одделот за оториноларингологија. Ќе добиеме нов апарат за миење и сушење на хируршки инструменти, апарат за РФ третман на пациенти со кожни болести. Значи тоа се се апарати што се во план да ги набавиме оваа година.

Неодамна спомнав во една дека планираме да набавиме 200 нови душеци за да ги замениме сите душеци и постели, што ќе одат во комплет со нив за сите болнички кревети.

Што се однесува до реконструкцијата, сметаме дека нема ниту економска, ниту каква било оправданост да вложуваме пари во инвестиции бидејќи очекуваме дека порано или подоцна ќе влеземе во објектот на новата клиничка болница и е бесмислено да планираме и да трошиме пари за некакви реконструкции. Единствено што можам да напоменам, бидејќи знаете дека зградата на Инфективниот оддел беше делумно санирана затоа што таа ќе остане надвор од објектот на Клиничката болница- Штип во иднина, е дека таа беше санирана со фасада, со прозорци, кров итн., Сега единствено што планираме е да направиме проект за реконструкција на физикалната медицина и рехабилитација, оној објект каде секојдневно имаме од прилика 200 до 300 пациенти кои примаат третмани.

Што планирате да реконструирате во физикална терапија?

-Има еден дел којшто е стационар за лекување, кај што имаме болнички соби. Таму засега не планираме ништо. Делот каде се прават третманите за оние пациенти кои доаѓаат и се враќаат дома, е од поодамна и нема направено никакви реконструктивни зафати. Прво што мораме да направиме и што веќе влезе во Буџетот, е да распишеме јавна набавка за проценка и проект за реконструкција на истиот дел. Кога ќе го имаме проектот, ќе видиме колку тоа ќе чини и ќе се видиме дали тоа ќе биде со сопствени средства, со донации од Министерството за здравство, од некоја Амбасада или од други невладини организации. Ќе се обидеме тој дел оваа година да го реконструираме и да си го добие својот лик, бидејќи и тој објект, како и објектот за инфективни болести, ќе остане надвор од зградата на новата клиничка болница.

Новата штипска Клиничка болница се гради точно девет години. До кога ќе можете да функционирате во оваа постојната стара зграда на болницата?

– Значи сакале или не, ќе мораме да работиме во старата зграда додека не биде готова новата. Работата во болницата не може да прекине. Условите се тие што се. Дали се лоши, да – лоши се. Главната зграда во Клиничката болница Штип е изградена некаде 1938 година, тоа е пред многу, многу години. Зграда правена за тогашните стандарди по тогашните мерила и визии како треба да изгледа една болница, нешто што во денешното модерно време не ги задоволува сите медицински стандарди што треба да ги имаме. Тоа сето ќе биде исправено со новата болница, а ние за тоа ќе мораме да се стрпиме уште не знам колку време. Тоа е сепак работа на Министерството за здравство и на проектната единица од Министерството за здравство, којашто го тера целиот проект со изведување на новата болница, а јас како директор и вработените кои сме во болницата, немаме никаков удел, ниту можност нешто да забрзаме или да влијаеме на побрзо завршување на објектот на новата Клиничка болница. Така што ќе останеме во овој објект во којшто сме биле толку години. Ќе се стрпиме, се надевам уште малку, ќе работиме дел можеби во супстандарди услови, меѓутоа ангажманот и трудот на здравствените работници не може да го поништи никој. Дури и во такви услови пациентите доаѓаат и си одат, а медицинскиот и техничкиот персонал е тој којшто секојдневно работи во тие услови и пружа максимум, се жртвува со цел да можеме да пружиме квалитетни здравствени услуги на пациентите. На крајот на краиштата, здравствениот пресонал и лекарите се оние кои ја пружаат негата. Ниту новата зграда, ниту најсовремените апарати не се оние што ги лекуваат пациентите. Битно е да го имаме кадарот, а еден ден ќе се влезе во таа нова Клиничка болница.

Две години имавме пандемија. Целиот товар го носеше здравствениот персонал и лекарите. Потоа имавме економска, па енергетска криза. Како болницата успева да се снајде со овие кризи?

-Овие три години и ковид пандемијата и оваа економска и енергетска криза сериозно се одрази врз работата на Клиничката болница Штип. Прво, во два сегменти. Мора да го потенцирам првиот сегмент што е многу битен, а тоа е големиот напор на вработените во Клиничка болница- Штип. Буквално, целокупниот персонал беше вклучен во битката со КОВИД тие две години. Како што знаете, бевме регионален центар за борба со КОВИД, над три илјади пациенти поминаа низ Одделот за инфективни болести што беше страшно оптоварување за персоналот којшто таму работи. Биевме таква битка како што биевме. Тоа е едниот дел што е многу побитен. Да ја искористам приликата уште еднаш да му оддадам почит за целата пожртвуваност што ја покажа во тие две години бидејќи имавме многу пациенти. Другиот дел сериозно финансиски ја исцрпи Клиничката болница бидејќи во тие две и пол години се трошеше масовно на се она што беше потребно во битката со Ковид-19. Дали се работеше за кислород, за лекови, за лабораториски реагенси, за заштитна опрема. Се она што се троши во нормални околности за една година, во текот на короната се трошеше за два месеци, така што многукратно се набавуваа сите тие работи и нормално тоа остави белег на финансиската состојба на болницата.

Откако тоа се стабилизира, знаете што се случи со цените на електричната енергија. Како субјект бевме обврзани на слободниот пазар да бараме фирма преку која ќе набавуваме електрична енергија. Чисто за споредба да имате претстава со што се соочивме во овие години – 2020 година е прва година во која излеговме на слободниот пазар и отприлика за цела година потрошивме седум милиони денари за струја. Во минатата 2022 година само во февруари и март имавме 10 милиони денари сметки за струја. Значи, тоа е во два месеци буквално за 150 проценти повеќе така што просечно ако пресметаме по три-четири милиони месечно, некаде околу 50 милиони денари ќе потрошиме за електрична енергија. Значи, седум пати повеќе од 2020, а 2020 година е кога имавме многукратно поголема сметка, отколку 2019 година кога бевме на регулиран пазар. Така што, кога нешто седум до осум пати повеќе ќе платите, нормално дека тоа ќе има реперкусии врз финансискиот дел на работењето на болницата. Но, како болница до крајот на минатата година ги плаќавме редовно сите обврски и сметки кон добавувачот што го имавме. Имавме заостанати сметки отприлика 13-14 милиони денари кон ЕВН, за што ни помогна Фондот за здравство и ни пушти пари во текот на декември. Го затворивме тој дел од долгот и во моментов немаме ниту една неплатена сметка за електрична енергија. Но, сериозно се оптоварија трошоците и буџетот на Клиничката болница, така што севкупно во овие три години како болница и јас како директор се соочивме со многу непредвидени работи што ги немало во минатото, со една пандемија што веројатно ја немало наназад со децении и со енормни трошоци. Почнавме со 50 кревети и со носење на боци на раце, а денеска имаме капацитет од речиси 140 кревети поврзани со централен довод на кислород, така што на некој начин, таа пандемија не искрши и не направи малку поподготвени, за некои идни пандемии, доколку ги има.

Колку овие три кризи го зголемија долгот на болницата?

– Долгот на болницата беше стабилен до 2020 година. Беше некаде околу 50-60 милиони денари. Тие три-четири години беше стандарден, а ние ја теравме нашата работа и се набавуваа нови апаратури и се вработуваа луѓе. Можам да кажам дека до 2019 година, ние примивме скоро 80 вработени во Клиничката болница Штип. Одеше добро во тој период, имавме одобренија, примавме кадар од сите профили. Имавме околу 50-60 луѓе кои беа на договор на дело и можам да кажам дека тоа беше среќа во несреќа, бидејќи на некој начин болницата се опреми со 130 луѓе кои ги имаше во 2020 година и кои можевме да ги искористиме во битката со короната. За жал, после две-три години, сега имаме недостиг на вработени. Се надевам искрено дека ќе добиеме одобрение за да ги примаме овие вработени. Се надевам дека многу скоро ќе добиеме одобрение да ги примиме. Во делот на зголемување на трошоците отприлика за 40-тина милиони е повеќе долгот од оној стандардниот што го имавме на почетокот на кризата. Дел ни помогна Фондот за здравство, дел намаливме во текот на 2022 година, но не со онаа динамика и со она трошење, кое што го имавме во изминатите години. Како за илустрација, во 2021 година само Одделот за инфективни болести има повлечено материјални средства во висина од 60 милиони денари. Значи, милион евра сме потрошиле само на тој оддел, коишто не биле планирани да бидат потрошени.

Господине Ѓеорѓијев, хакерскиот напад врз Фондот за здравство не дозволи навреме да се исплатат платите на вработените во здравствените установи. Дали овој напад влијаеше и врз другите тековни работи во болницата?

– Хакерскиот напад мислам дека се случи на 7 февруари. Сите здравствени установи, не само ние, работиме на принцип на давање на дванаестинка, значи оној договорен надоместок којшто кажавме од пред некое време дека е 560 милиони денари, го добиваме на 12 еднакви рати и таа дванаестинка секогаш ја имаме на 10-ти во месецот. На 10-ти во месецот прво се пуштаат платите на вработените, а понатаму со остатокот се плаќаат обврските што ги имаме кон нашите доверители. Бидејќи сме врзани на трезорската сметка на Фондот и ги добиваме парите на 10-ти секој тековен месец, не успеавме до 10-ти февруари да ги исплатиме платите на вработените. Што се однесува до останатиот дел од работата – прегледи, интервенции и другите работи што ги работиме како Клиничка болница, тоа се одвива непрекинато бидејќи системот за „Мој термин“ работи. За сите останати работи во доменот на Фондот за здравствено осигурување добивме упатство по меил како да работиме. Сите работи што треба да бидат електронски се прават рачно – потврди, поднесување на документи директно во подрачните единици на Фондот за здравство, се работат тие тековни работи, освен една работа која што ја рековме – исплата на платите.

Добивме упатство, веќе постапивме по него, ги направивме сите датотеки што треба да бидат спремни за давање на плата на вработените, доставени се веќе во Фондот и мислам дека луѓето најдоа на кој начин во наредниот период овие денови да ја добиеме платата што е за јануари и којашто доцни овие денови, но од објективна причина. Откога сум јас директор, веќе скоро шест години, досега не се случило вработените да не земат плата на 10-ти во месецот. Сега тоа се случи, може да го ставиме под една виша сила. Но, се прават напори. Ние се што беше, завршивме и очекуваме дека многу скоро овој дел со платите на вработените ќе биде решен, а се она останато што е наша функција како Клиничка болница Штип се одвива непречено.