Мора да продолжи работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, бидејќи само со дијалог, со разговор може да се надминат тие недоразбирања, пред се историографски меѓу Бугарија и Македонија. Доколку се прекине работата на таа комисија, ќе остане едно чувство дека тоа добрососедство меѓу Бугарија и Македонија не е искрено и дека се нема желба да се надминат некои историски прашања кои ги обременуваат односите меѓу двете држави веќе шест-седум децении, нагласи историчарот Драги Ѓоргиев во телефонско интервју во емисијата „Слободна зона“ на ТВ Европа.
На прашањето дали ќе се промени на некаков начин македонскиот концепт кога повторно ќе се седне на масата за разговори во комисијата, со оглед на полноправното членство на Северна Македонија во НАТО и добивањето на датум за преговори со Европската Унија, историчарот посочи дека не смета оти земјава на некој начин ќе го злоупотреби тоа.
– Ако имаме предив дека во претходните две години кога течеа разговорите во таа комисија понекогаш од страна на Бугарија беше потенцирано дека „треба ние да гласаме за почнување на преговори со ЕУ“ и „треба Бугарија во текот на тие преговори со Унијата да даде согласност за одредени прашања“, тоа беше понекогаш користено во разговорите како еден вид притисок. Меѓутоа не сметам дека тоа можеше да се оствари од бугарската страна и затоа и сега не сметам дека Македонија со добивањето на преговори со ЕУ и со членството во НАТО на некој начин тоа ќе го злоупотребува. Во секој случај сега нашата позиција, ако зборуваме политички е подобра, веќе не виси над нас тоа условување. И тој аспект може да се каже дека нашата позиција сега е полесна, меѓутоа не сметам дека ние сега треба да се однесуваме неодговорно и да ја злоупотребуваме таа позиција, рече Ѓоргиев.
На прашањето дали смета дека концептите на Бугарија и Северна Македонија за интерпретација на историјата се разликуваат цврство и суштински, тој вели дека Бугарија треба да го промени погледот кон Северна Македонија.
– Бугарија треба да го промени погледот на Македонија за сегашноста, односно да ја признае таа реалност која е создадена на територијата на денешна Северна Македонија. Од друга страна македонската историографија треба малку похрабро и поотворено да проговори за минатото и во таа смисла доколку двете држави, политики, историографии пораснат во тие два погледи истовремено, растат и ги надминуваат тие радикални сфаќања, цврсто националистички сфаќања за минатото или за денешната реалност, тогаш може да се дојде до резултат. Меѓутоа надминувањата мора да одат паралелно, оцени Ѓоргиев.
Тој нагласи дека македонскиот и бугарскиот народ се најблиски народи и доколку не можат да најдат меѓусебно решение тогаш тоа би било едно голема трагедија за нивните односи.
Во однос на тоа дека во текот на преговорите за интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Бугарија како полнорпавна членка на Унијата има право да наложува вето или да определи услови, на прашањето дали смета дека Софија ќе го употреби тоа ако не биде реализиран историаки концепт близок до бугарските сфаќања, Ѓоргиев рече дека не смета оти тоа ќе биде премногу експлоатирано од страна на Софија.
– Не сметам дека тоа ќе биде премногу експлоатирано од страна на Бугарија. Јас верувам дека Бугарија како полноправна членка на Унијата ќе настојува да си ги оствари своите интереси, меѓутоа не сметам дека тоа толку силно ќе го експлоатира и дека безусловно ќе стои на тие ставови. И македонската страна не може да стои на радикалните ставови и да нема поместување во однос на некои гледања, на некои проблеми. Јас сум целосно оптимист дека може да се постигне решение, истакна историчарот.
Во однос на полноправното членство во НАТО на Северна Македонија, Ѓоргиев потенцираше дека приемот на земјава во Алијансата е сигурно еден од најважните моменти во нејзината современа историја.
– Тоа многу значи за самодовербата на Северна Македонија како држава, па и на нејзините жители, наведе историчарот Ѓоргиев.