Привременото спроведување на договорот за идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија мора да остане единствен исклучок, изјавија претседателите на групите на Европскиот парламент. Парламентарната контрола ќе почне што е можно поскоро за да се ратификува во ЕП пред крајот на преодниот рок, се наведува во соопштението на ЕП, јави дописникот на МИА.
Претседателите на политичките групи на Европскиот парламент и претседателот Давид Сасоли денеска имаа размена на ставови со претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лејен и главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, за постигнатиот договор за идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија на 24 декември.
Конференцијата на претседателите ја повтори благодарноста и честитките од парламентот до преговарачите на ЕУ за интензивните напори за постигнување на овој историски договор, што ќе биде основата за градење на новото партнерство.
Во духот на единството што преовладуваше во текот на целиот процес на преговори, а со оглед на посебните, уникатни и специфични околности, Конференцијата на претседателите прифаќа привремена апликација за спречување на хаосот и за ублажување на нарушувањата за граѓаните и компаниите од сценарио без договор. Оваа одлука за специфичната привремена апликација не претставува преседан. Таа според претседателите на парламентарните групи, не ги доведува во прашање обврските преземени меѓу институциите на ЕУ. Оваа одлука не треба да послужи како модел за идните постапки за согласност, нагласија водачите на групите.
Конференцијата на претседателите, исто така, одлучи да го разгледа заедно со Претседателството на Советот и Комисијата предлог за кратко продолжување на периодот на привремена примена што ќе овозможи ратификација на парламентот за време на пленарната сесија во март.
Комисијата за надворешни работи и меѓународна трговија, како и сите придружни комисии, сега внимателно ќе го разгледаат договорот и ќе ја подготват одлуката за одобрување на Парламентот за која ќе се дискутира и усвои на пленарна седница на време пред крајот на привременото спроведување на договорот.. Паралелно, политичките групи ќе подготват нацрт-резолуција што го придружува гласањето за одобрување.
Претседателите на групите ја истакнаа подготвеноста на Европскиот Парламент внимателно да го следи спроведувањето на договорот ЕУ-Велика Британија во сите нејзини детали. Тие подвлекоа дека парламентарната соработка е клучен елемент на идниот договор меѓу ЕУ и Велика Британија. Во догледно време, Парламентот ќе се обиде да воспостави контакти со британскиот парламент со цел воспоставување на оваа соработка.
Конференцијата на претседателите на ЕП жали и за изборот на Обединетото Кралство да не ја вклучи програмата Еразмус во договорот.