ЕП го одобри зголемувањето на производството муниција и нејзина испорака за Украина

Во четвртокот европратениците ги одобрија плановите за зголемување на производството на муниција и ракети во земјите во Европската унија и побрзо снабдување на Украина со муниција, објави Европскиот парламент.

Според текстот договорен со Советот минатата седмица, целта на Законот за поддршка на производство на муницијата (ASAP) е да се забрза испораката на муниција и проектили во Украина и да им се помогне на земјите-членки да го обноват својот арсенал. Со воведување насочени мерки, вклучително и финансирање од 500 милиони евра, се тврди дека актот ќе овозможи зголемување на производствениот капацитет на ЕУ за да се реши моменталниот недостиг од вооружување, особено артилериска муниција, ракети и нивни компоненти.

Во текот на преговорите со Советот, европратениците се погрижија разновидна палета на проекти да добијат финансирање и малите и средни претпријатија да имаат право на повисока стапка на финансирањето. Тие обезбедија нови средства кои не треба да бидат на сметка на постоечките кохезиони фондови. Пратениците, исто така, ветија дека ќе обезбедат земјите на ЕУ да ја снабдуваат Украина со муниција финансирана според овој акт и дека таа не подлежи на извозни ограничувања, се вели во парламентарното соопштение.

Шефот на преговарачкиот тим на Парламентот, Кристијан Бушој (од EPP, од Романија), рече дека „денешното гласање е чекор напред за европската безбедност и одбрана и нашата цврста поддршка за Украина наспроти руската агресија“.

„Постигнавме резултати во најитниот дел од законот: обезбедување поголемо снабдување со муниција за Украина. Така ја покажуваме европската солидарност и ја зајакнуваме нашата колективна безбедност“, тврдеше романскиот европратеник.

Актот беше усвоен со 505 гласа „за“, 56 „против“ и 21 воздржан. Треба да биде одобрен од Советот за да стане закон, објави Европскиот парламент.

Законот за поддршка на произвоството муниција (ASAP) е одговор на барањето на Украина до ЕУ за набавка на артилериска муниција од 155 мм и на договорот на Советот од 20-ти март 2023 година за предлог за пристап од три дела за обезбедување муниција. Земјите-членки се повикани со него итно да пренесат муниција од нивните сопствени залихи на Украина (прв дел). Земјите од ЕУ се договорија за заедничка набавка на милион парчиња муниција (втор дел). Целта на третиот дел од договорот е да се зголеми производствениот капацитет во европската одбранбена индустрија. Ова треба да се постигне што е можно поскоро, а што директно одговара на повикот на Советот итно да испорача муниција и, по барање, проектили во Украина и да им помогне на земјите-членки во обновувањето на залихите.