Епидемијата на коронавирусот во Европа не стивнува, а Италија во неделата извести за уште 564 починати по компликации предизвикани од Covid-19, со што во оваа земја од февруари вкупно починале 60.078 луѓе во пандемијата според податоците на тамошното министерство за здравство.
Во светот, според податоците од рано попладнето во неделата, од почетокот на пандемијата заразени се 66,23 милиони луѓе, а починале 1,53 милиони заразени со новиот коронавирус.
Италијанското министерство за здравство во неделата вечер извести за 18.887 нови случаи на зараза со SARS-CoV-2 во последните 24 часа, додека во саботата имаше 21.052 новозаразени. Италија, првата западна земја која беше погодена од епидемијата, стана шестата земја во светот со повеќе од 60.000 починати и втората во Европа, по Велика Британија. До денеска во Италија има потврдени 1,73 милиони зарази.
Велика Британија, пак, во неделата извести за 17.272 нови коронаинфекции наспроти 15.539 во саботата, а вкупниот број од почетокот на епидемијата, исто така, е над 1,72 милиони потврдени коронаинфекции. Во Британија во последните 24 часа починало уште 231 заразено лице, помалку од 397 од саботата, или вкупно 61.552 смртни исходи. Додека во последните 28 дена 61.245 лица од тестираните биле позитивни.
Данска во неделата извести за дневниот рекорд од 1.745 новозаразени во последните 24 часа, според податоците на данскиот Државен институт за серум (SSI). Во земјата со 5,8 милиони жители, 90.600 лица досега биле или се заразени во моментов со коронавирусот, од кои 885 починале.
Данската премиерка Мете Фредериксен на Facebook објави дека владата планира да воведе нови мерки на ограничувања за да се запре ширењето на вирусот, но не кажа кои. Претхдно во саботата напиша дека неодамнешниот раст на случаите е „загрижувачки“ и го повика населението на „дополнителен напор“, вклучително и намалување на социјалните контакти.
Турција извести за 30.402 новозаразени, вклучително и асимптоматските случаи во последните 24 часа, наведе во неделата министерството за здравство. Во последното деноноќие од компликациите предизвикани од коронавирусот починале уште 195 лица, наспроти рекордните 196 во саботата, со што вкупниот број смртни исходи од почетокот на епидемијата во земјата се искачи на 14.900.
Во петокот Турција го забележа рекордниот број новозаразени од 32.736 лица, истовремено за започнувањето на карантинот кој трае од петокот вечерта до понеделник во 5 часот наутро.