Дел од земјите во Европа целосно ги укинаа анти ковид мерките, дел постепено ги релаксираат. Некои најавија дека наскоро ќе стават крај на рестрикцииите следејќи ги насоките на светските експерти дека корона вирусот полека ја губи силата и би можело да се стави крај на пандемијата.
Генерално, бројот на новозаразени со Covid-19 на глобално ниво се намалува, а слична ситуација имаме и во Македонија, односно бројките полека се намалуваат и нема притисок во болниците за хоспитализација на нови пациенти. Но,земјата официјално се уште е во жолтата фаза, а според здравствените власти, за целосно укинување на мерките потребно е да бидеме во многу сигурна зелена зона. Сосема ист став дели и епидемиологот, д-р Александар Стојанов кој за Фактор вели дека изминатото двегодишно искуство од пандемијата покажува дека непредвидливоста на вирусоит придонесе до милиони заразени и уште повеќе, до милиони починати поради компликации од Covid-19.
„Морам да потсетам дека страшна паника се создаваше кога прв пат имавме трицифрена бројка на новозаразени. Психолошкиот праг беше до 100 некаде, а кога се случи да имаме нови случаи потврдени со ковид над 100, па потоа и 200, тогаш сите говореа дека мора нешто да се стори. Голем дел од луѓето и самите си воведуваа рестриктивни мерки, но сведоци сме дека повеќето, пак, и не почитуваа ништо од мерките кои ги носевме, а згора на тоа ниту имавме природен имунитет, ниту пак имаше вакцини. Сега имаме подруга ситуација. Верувам дека на овие бројки кои сега ги имаме на дневна основа практично се навикнавме, но огромен дел од населението болеста ја прележа, а нешто над 40 проценти е и вакцинирано. Реално, во земјава, освен маските, други мерки и нема. Но, лично сметам дека се уште е рано да се каже дека е крај на ковид во Македонија“, вели д-р Стојанов.