Епл работи на самоуправувачки уреди за домашна употреба

Американската технолошка компанија „Епл“ (Apple) сè уште трага по револуционерен производ што ќе ѝ помогне да остане доминантен играч на пазарот, велат познавачите, но и како нов извор на приходи откако гигантот од Купертино ги отфрли плановите за развој на сопствено електрично возило.

Новинарот на Блумберг, Марк Гурман тврди дека следниот фокус на „Епл“ е робот за „лична“, т.е. домашна употреба. Компанијата наводно работела на роботи и електромобили во истовреме, надевајќи се дека ќе се развие најсовремен самоуправувачки уред како дел од сето тоа.

Иако проектите на „Епл“ се уште се во своите рани фази, една од најчесто спомнатите замисли е самоуправувачки двигател на екран. Таков за на биро би можел евентуално да ги имитира движењата на човекова глава, на пример, следејќи го и сосредоточувајќи се на едно лице од повеќемина. Ова веројатно, пред сè, заради подобро искуство со видеоповиците.

Според непотврдени наводи, тимот за домашни уреди на „Епл“ е задолжен за нивниот развој, а најмалку еден инженер кој работел на сега веќе непостоечкиот проект за електрични возила е дел од другиот проект.

Се истакнува и оти успехот на домашните самоуправувачки уреди на „Епл“ најверојатно ќе зависи и од потребата на потрошувачите од одреден вид услуга, но и од прифатливоста на цените на такви нови технологии за купувачите.