Европскиот парламент ја објави својата прва проекција за идниот парламентарен состав по мајските избори. Европската наародна партија (EPP) останува најсилна, но со полоши резултати од претходно.
Демохристијаните од EPP и Социјалдемократите ќе останат двете први партии во идниот Европски парламент, предвидува Европарламентот. EPP се очекува да изгуби три процентни поенa, а социјалистите шест, со што EPP ќе претставува 26 отсто од идниот pарламент, а социјалистите деветнаесет отсто.
Најголем раст на гласачи демохристијаните ги очекува во Грција, а најголем пад во Франција, Чешка и Италија. Што се однесува до Социјалдемократите, најзначаен пад ги очекува исто така во Франција и Италија, а во ниедна земја нема да напредуваат, предвидува ЕП.
Како што се очекува, најголем напредок треба да оствари екстремната десница, од над пет процентни поени. Меѓутоа, отсуството на политичка и партиска кохезија кај овие партии најверојатно нема да им овозможи значајно да ги сменат односите на сили во европскиот парламентарен дом, бидејќи овие партии се поделени на најмалку три различни политички групи во Европскиот парламент. Иако одамна постојат обиди пред и по секои европски избори за обединување на крајната десница, засега тоа никогаш не успеало.
Крајната левица и Зелените, кои се во истата политичка група во ЕУ, ќе останат на исто ниво, иако се очекува мал пад од околу 0,5 процентни поени. Најголем раст треба да доживеат во Германија и Литванија.
Најголем прашалник постои околу Либералдемократската партија, на која треба да и се придружи партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, LREM. Засега партијата на Макрон не е застапена во Европскиот парламент, и нејзиниот резултат на овие избори би можел да направи голема разлика во односот на сили, сметаат набљудувачите.