Генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) Саеб Ерекат синоќа изјави дека САД застанале на страната на Израел и го поткопуваат мировниот процес откако американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека се легални израелските населби на окупираните палестински територии.
Тој истакна дека објавата на САД за Палестинците е ништовна и неважечка и оти ќе се преземе правна акција против Вашингтон во Обединети нации и пред меѓународните трибунали.
– САД се дисквалификуваа од каква било улога во мировниот процес, тие нема да бидат во состојба да седнат на маса со Палестинците на какви било преговори. Тие ги менуваат правилата на игра, од преговори до диктати. Диктатот – Ерусалим како израелска престолнина, бегалското прашање, населбите и ако палестинското раководство не потклекне и не падне на колена, тие продолжуваат со притисокот, посочи Ерекат.
Тој додаде дека палестинскиот претседател Махмуд Абас издал директиви за спротивставување на таквата одлука на САД, вклучително свикување итни седници на арапските министри за човекови права, обраќање до Советот за безбедност, Советот на ОН за човекови права, Меѓународниот кривичен суд по прашањето за населбите и до Меѓународниот суд на правдата поради легалноста на таквата објава.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео во понеделникот изјави дека САД го отфрлаат правното мислење на Стејт департментот од 1978 година, во кое се наведува дека изградбата на населби на окупираните територии не е во согласност со меѓународното право.
– Тешката вистина е дека никогаш нема да има правно решение за конфликтот и оти аргументите за тоа кој е во право, а кој греши, како прашање од меѓународното право, нема да донесе мир, истакна во понеделникот Помпео.
Тој исто така наведе дека администрацијата на Трамп смета дека сите правни прашања поврзани со населбите треба да ги решаваат израелските судови.
Промената на ставот на администрацијата на Доналд Трамп по четири децении дека израелските населби не претставуваат кршење на меѓународното право предизвика реакции и осуда од страна на меѓународната заедница, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го оцени како „големо достигнување“ со што ќе се исправи историската грешка.
Правното мислење за населбите од 1978 година е познато како Ханселов меморандум и се заснова делумно на Жeневската конвенција за забрана на населување цивили во окупираната територија.
Повеќе од 400.000 еврејски доселеници сега живеат во Западен Брег, територија освоена заедно со Источен Ерусалим во војната во 1967 година.
Меѓународната заедница и Палестинците тврдат дека еврејските населби се нелегални и го попречуваат формирањето на палестинска држава. Израел тврди дека судбината на населбите најверојатно ќе се решава на преговарачка маса.
Администрацијата на Трамп донесе повеќе одлуки во корист на Израел – признавањето на Ерусалим како главен град на Израел, за Голанската Висорамнина и го затвори палестинското дипломатското претставништво во Вашингтон.