Ердоган: Единствено државно решение за Кипар „не е можно“

Турција и натаму се противи на создавањето единствена кипарска федерација, рече претседателот Реџеп Тајип Ердоган во саботата како дел од настаните на островот по повод 50-годишнината од турската инвазија.

„Ние веруваме дека можноста за решение засновано на единствена федерална држава на Кипар не е можна“, рече турскиот лидер во саботата за време на посетата на северниот дел на поделениот остров, кој е под турска контрола.

За да го спречи обединувањето со Грција, Турција воено интервенираше и оттогаш островот е поделен.

Претседателот на кипарските Грци, Никос Христодулидис веќе го отфрли повикот на неговиот колега, претседателот на кипарските Турци Ерсин Татар за решение со две држави.

„Во никој случај не разговараме за решение со две држави“, рече кипарскиот претседател Никос Христодулидес за германската новинска агенција DPA во четвртокот.

И грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во саботата повика на обединет Кипар.

„Помина половина век од националната трагедија на Кипар… Ние се залагаме за европска држава, обединета и заснована на резолуциите на ОН. Без странска окупациска војска“, напиша Микотакис на социјалната платформа Х.

Освен Никозија, и Европската унија и Обединетите нации се против решението со две држави. Целта на ОН отсекогаш била некаква форма на федерација со централна власт.

Во меѓувреме, Ердоган рече дека Анкара е „подготвена да преговара и да воспостави траен мир и решение на Кипар“. Но, во исто време, тој упати обвинение дека кипарските Турци се дискриминирани и не им е дозволено да ги користат енергетските ресурси на островот.

Речиси една деценија по инвазијата, Турската Република Северен Кипар (ТРСК) беше прогласена во 1983 година во северниот дел на островот, но до денес само Турција ја признава.

Во 2004 година, целиот остров беше примен во ЕУ како земја. Де јуре, оттогаш целиот остров е член на ЕУ, но правото на ЕУ важи само за јужниот дел, што значи дека островот е де факто поделен.

Медитеранскиот остров е поделен во 1974 година, кога Турција на северот од Кипар распореди десетици илјади војници по инвазијата таа година, како резултат на дражавниот удар на грчката воена хунта којашто тогаш беше на власт во Атина, и во обидот на кипарските Грци, националистите и тогашната диктатура во Атина да го обединат Кипар со Грција. Сега егзистираат две етнички заедници, на југот грчката во Република Кипар која е членка на Европската унија, и турската во Турската Република Северен Кипар, самопрогласена во 1983 година, којашто ја признава само Турција.