
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денеска, по критиките на Европската унија за масовните апсења на претставниците на опозициските медиуми во Турција, порача ЕУ да си ја „гледа својата работа“, соопшти МИА.
– Европската унија не може да се меша во мерките… преземени во согласност со владеењето на правото против елементите кои ја загрозуваат нашата национална безбедност, рече Ердоган во ТВ обраќањето, првото по вчерашните апсења.
– Треба да си ја гледаат својата работа, додаде тој.
Како што наведуваат британските медиуми, Ердоган изјави дека рациите во медиумите блиски до муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, биле дел од неопходниот одговор на „валканите операции“ на политичките непријатели и ги отфрли критиките на ЕУ.
– Тие зборуваат за слобода на печатот, но рациите немаат ништо со тоа… Ние не и браниме на ЕУ за тоа да зборува, дали ЕУ не прифаќа како членка или не, немаме такви грижи. Ве молам задржете ја својата мудрост за себе, рече турскиот претседател.
Турската полиција вчера почна операција на апсења на следбеници на ривалот на Ердоган, имамот Ѓулен, извршувајќи рации во 13 градови ширум Турција, вклучувајќи го и Истанбул, а повеќе од 20 лица се уапсени, меѓу нив и новинари, извршни директори, продуценти и телевизиски пица блиски до Ѓулен.