Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го обвини американскиот претседател Џо Бајден и неговата администрација дека се соучесници во израелските воени злосторства и кршење на меѓународното право во конфликтот во Појасот Газа и побара да се воведат санкции против Израел.
Во интервју за американскиот весник Newsweek за време на самитот на НАТО во Вашингтон, Ердоган вели дека израелските „брутални убиства“ на цивили, нападите врз болниците, центрите за хуманитарна помош и на други места – се воени злосторства.
„Американската администрација, сепак, ги игнорира овие прекршувања и му дава најголема помош на Израел. Тие го прават тоа по цена да бидат соучесници во овие прекршувања“, рече Ердоган.
„Во овој момент, кој ќе наметне какви санкции на Израел за кршење на меѓународното право? Тоа е вистинското прашање и никој нема одговор на тоа“, додава турскиот претседател.
Израел ги отфрла обвинувањата дека врши воени злосторства во борбата против Хамас во Појасот Газа. Тој негира дека намерно напаѓа цивили.
Според неажурираните од мај податоци најамлку 38.000 Палестинци, главно цивили од кои две третини се деца и жени, се убиени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година. Околу 1.200 Израелци, од кои повеќе од 300 припадници на безбдносните сили, беа убиени во неколучасовниот напад без преседан на Хамас врз воени бази, населни и градови во јужен Израел што ја предизвика војната.
Турција, членка на НАТО, го осудува нападот на Израел врз Појасот Газа, ја прекина трговијата со Израел и изразува поддршка за Хамас. Официјална Анкара често ги критикува западните земји дека го поддржуваат Израел и бара меѓународните судови да ја санкциониаат еврејската држава.