Ердоган ги повика Турците на „доброволен“ карантин

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги повика во петокот сонародниците на „доброволен карантин“, односно останување во своите домови и излегување од нив само во продавниците и во итни случаи, за да се сузбие порастот на случаи на зараза со коронавирусот, која за еден ден скокна за третина, на 5.698 заразени и 92 починати.

„Ако не сакаме овие мерки да влезат во втората фаза, мораме да се придржуваме до правилата за доброволен карантин. Што значи доброволниот карантин? Тоа значи не излегувајте од своите домови“, рече Ердоган на прес-конференцијата во петокот вечерта.

Стапката на заразени во Турција веќе ги надминува повеќето други земји откако беше регистриран првиот случај пред две седмици, со уште 2.069 случаи во последните 24 часа, изјави претходно во петокот министерството за здравство повикувајќи на пошироки мерки за сузбивање на епидемијата во земјата.

Ердоган, исто така, објави укинување на сите меѓународните летови и рече дека ќе бидат формирани специјални совети за справување со заразата во 30 најголеми турски градови за да се преземат дополнителни мерки за претпазливост, доколку бидат потребни.

„Водејќи сметка за социјалното дистанцирање, како дома така и на работното место, некористејќи го јавниот транспорт доколку не е потребно, без да се напуштаат домовите освен за купување на основните продукти, грижејќи се за нашата хигиена, мораме да ја зголемиме ефикасноста на овие мерки“, додаде турскиот челник.

Владата во Анкара рече дека нема да ги открива локациите на кои се откриени случаите на зараза за да го избегне ризикот до зголемено пренесување на вирусот поради бегството на луѓето од тие подрачја на оние на коишто нема или има многу малку заразени.

Турција, исто така, го ограничи меѓуградскиот автобуски сообраќај и забрани проштеки и риболов на плажите, а забрането е и викендашкото спортско трчање во шумите и парковите.

Еден град и четири села во турската црноморска покраина Ризе се под карантин поради епидемијата од коронавирусот, што е првиот ваквов случај на затворање на логација во земјата.