Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Прага минатиот месец, на светските челници им кажа дека имаат погрешен однос кон рускиот претседател Владимир Путин.
„Со кој и да разговарав во Прага, сите беа против него. Реков дека тоа е погрешно. Доколку покажете неповолен пристап кон шеф на држава каква што е Русија, тогаш и тој ќе заземе став за да не биде притискан. Ако ве нападнат како лидер, тоа нема да го прифатите. Токму тоа е она што го направи г-дин Путин… Дали (како лидер) на една од најпочитуваните земји во светот, како што е Русија, ќе станете и ќе им кажете ‘да’ на таквите напади? Тоа е невозможно“, рече Ердоган во интервјуто за телевизијата A Haber во средата.
Според турскиот претседател Путин не е политичар кој „ќе направи чекор наназад кога се врши притисок врз него“.
Ердоган во продолжение рече дека Русија и Турција, доколку започнат испораките на прехранбени производи од руските пристаништа може да почнат да ги насочат првите пратки кон Џибути, Сомалија и Судан.
Турскиот челник посочи дека за истата ситуација, кога претходно разговарал со рускиот колега по должност, Путин го видел турскиот пристап кон барањето за испораки на напредните противвоздушни системи „С-400“, за кои Анкара беше жестоко притискана од западните сојузници во НАТО, во прв ред од САД.
„Благодарејќи на тоа вчера му се јавив, а веќе денеска беше отворен коридорот за извоз на житарките. Тој (Путин) рече дека, на пример, можно е (да започне испораката на храна) до Џибути, Сомалија и Судан. Тој рече: ‘Ајде да го транспортираме житото во тие држави’. Ќе ја испланираме таа работа, за тоа зборував вечерва со (украинскиот претседател Владимир) Зеленски. Тоа ќе продолжи и соодветно ќе ја засилиме работата“, додаде турскиот претседател.
Ердоган притоа оцени дека при решавањето на проблемите околу Договорот за житарките, сите страни, вклучително и Русија и Украина „покажаа позитивен пристап“.