Ердоган го нарече Израел „држава на теророт“ и го критикуваше Западот

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави во средата дека Израел е „држава на теророт“ којашто во палестинската енклава Појасот Газа врши воени злосторства и го крши меѓународното право, заострувајќи ја критиката на израелските челници и нивните поддржувачи на Западот.

Зборувајќи два дена пред планираната посета на Германија каде што ќе се сретне со канцеларот Олаф Шолц, Ердоган рече дека израелската инвазија во палестинската енклава Појасот Газа, којашто како што тврди Израел е насочена против радикалното исламистичко движење Хамас, вклучува „најподли напади во човековата историја“ со „неограничена“ поддршка од Западот.

Побара на израелските челници да им се суди на Меѓународниот суд на правдата (ICC) во Хаг за воени злосторства и повтори дека неговиот став, како и ставот на Турција, е дека Хамас не е терористичка организација туку политичка партија којашто победи на изборите (во 2006 година).

Покрај Израел, и САД, Европската унија и Велика Британија го сметаат Хамас за терористичка организација. Во Турција престојуваат некои челнови на Хамас а официјална Анкара го поддржува решението со две држави за деценискиот конфликт меѓу Израел и Палестинците, според резолуциите на Обединетите нации.

„Со дивјачкото бомбардирање на цивилите кои ги протера од нивните домови додека се селеа, (Израел) спроведува буквално државен тероризам. Сега со чиста совест велам дека Израел е држава на теророт“, рече Ердоган во говорот во турскиот парламент.

„Никогаш нема да се колебаме да ја кажеме вистината дека припадниците на Хамас кој ја бранат својата земја, честа и животот соочени со окупаторските политики се борци на отпорот, само затоа што тоа некому не му одговора“, продолжи Ердгон.

Посетата на турскиот претседател на Германија ќе биде неговото прво патување во некоја земја од ткн колективен Запад од почетокот на израелското бомбардирање на Појасот Газа на 7-ми октомври, откако истиот ден претходно Хамас го нападна југот на Израел.

Германија изрази силна солидарност со Израел, но и повика да се ограничи влијанеито на воените операции врз цивилното население во палестинската енклава

„Западот, односно САД, за жал, го гледаат ова прашање наопаку“, рече Ердоган.

Подоцна во средата, Ердоган разговараше со италијанската премиерка Џорџа Мелони и ѝ кажа дека Анкара очекува поддршка од Рим за постигнување прекин на огнот во Газа, соопшти турското претседателство. Канцеларијата на Мелони соопшти дека таа повикала на брза деескалација во Газа, додавајќи дека Турција има клучна улога во спречувањето на ширењето на конфликтот.

Го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да каже дали Израел поседува нуклеарно оружје и додаде дека Нетанјаху наскоро ќе биде „поранешен“.

Ердоган го спореди судирот меѓу Израел и Палестинците со војната меѓу христијанскиот и муслиманскиот свет, велејќи дека станува збор како за борба меѓу „крстот и полумесечината“.

Анкара ќе преземе чекори за да се признае дека израелските доселеници на окупираните палестински територии се терористи, додаде тускиот претседател.