Турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган во саботата остро го критикуваше американското вето на резолуцијата во Обдинетите нации со која се бара моментален прекин на огнот во Појасот Газа и рече дека Советот за безбедност на ОН треба да се реформира.
„За жал, прекинот на огнот беше отфрлен… само Америка гласаше против. Дали е тоа правда“, запраша Ердоган на митингот за човекови права во Истанбул.
Ердоган ги обвини и Вашингтон и Советот за безбедност на ОН дека се на страната на Израел и покрај влошувањето на хуманитарните услови во Газа.
„Праведен свет е можен, но не и со Америка“, обвини турскиот претседател.
„Човештвото не може да напредува со ваков вид Обединети нации, со ваков Совет за безбедност“, рече тој. „Советот за безбедност мора да се реформира“, додаде Ердоган.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во интервју емитувано по седницата на Советот за безбедност на ОН изјави дека Америка останува сама на својот став.
„Нашите пријатели повторно рекоа дека Америка сега е оставена сама, особено по денешното гласање во ОН“, рече Фидан во петокот во интервју за TRT.
Фидан ја даде изјавата по состанокот со колегите од Организацијата за исламска соработка и Арапската лига кои се сретнаа со американскиот државен секретар Антони Блинкен во Вашингтон.
Турција, членката на НАТО, за разлика од нејзините западни сојузници и некои арапски земји од Персискиот залив, не го смета палестинското исламистичко движење Хамас за терористичка организација.
За резолуцијата на Советот за безбедност во петокот гласаа 13 земји, при што Велика Британија беше воздржана, а Соединетите Држави ставија вето на текстот со кој се повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“ во Газа, и покрај притисокот од генералниот секретар на ОН кој го осуди „колективното казнување“ на палестински народ.
Нацрт-резолуцијата беше подготвена од 97 земји членки откако генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, испрати писмо до претседателот на Советот за безбедност на ОН во согласност со членот 99 од Повелбата на ОН. Во дописот се вели: „Генералниот секретар има право да го извести Советот за безбедност за секое прашање што според него може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“. Како што објасни портпаролот на генералниот секретар Стефан Дужарик, Гутереш првпат го користел овој член од клучниот оснивачки акт на светската организација откако ја презема должноста во 2017 година.