Ердоган и Шолц во Берлин за блискоисточната криза

Дијалогот е важен и покрај разликите во ставовите за блискоисточниот судир и доколку Германија и Турција успеат да изборат прекин на огнот има шанси регионот да се извлече од огнениот обрач, изјавија во петокот во Берлин германскиот канцелар Олаф Шолц и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

„Господине претседателе, не е никаква тајна дека имаме потполно различни погледи на овој судир… но токму затоа е важно во овие тешки моменти да разговараме“, изјави канцеларот Шолц на прес-конференцијата која се одржа пред состанокот со турскиот претседател Ердоган.

Шолц уште еднаш го истакна германскиот став дека правото на Израел на постоење е нешто за што не се дискутира.

„Во нашата земја нема место за антисемитизмот без оглед на тоа дали тоје е политички или верски мотивиран“, додаде германскиот канцелар.

Шолц рече и дека со турскиот претседател сака да разговара за тоа како да се спречи ширењето на судирот и како да се подобри хуманитарната ситуација во подрачјето,

Ердоган, кој во последните седмици со некои свои ставови за блискоисточниот судир предизвика критики во Германија особено за квалификувањето на радикалното палестинско исламистичко движење Хамас, кое е на листата терористичко организации на Израел, САД и ЕУ – за „ослободителна организација“ а Израел за „терористичка држава“, ги повтори своите критики на сметка на Израел и се зазема за хуманитарен прекин на огнот во палестинската енклава Појасот Газа.

„Бомбардирањето на болници или убивањето деца не е запишано во Тората. Тоа не смее да се прави“, рече турскиот претседател.

„Зборуваме за 13.000 убиени деца, жени и старци… Во Газа сѐ е срамнето со земја. Доколку на Германија и на Турција им појде од рака да изборат прекин на огнот постои шанса регионот да се извлече од овој огнен обрач“, рече Ердоган.

Германскиот канцелар, пак, ги истакна заслугите на Турција при склучувањето на договорите за извоз на украинските житарки но не го спомена мировниот договор меѓу Русија и Украина кој со посредство на Анкара речиси беше постигнат во март 2022 година неполн месец по почетокот на руската инвазија, но од кој Киев нагло се повлече по посетата во април на тогашниот британски премиер Борис Џонсон и американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

Шолц, исто така, ги истакна „добрите односи“ меѓу Турците и Германците. „Граѓаните на Турција и на Германија повеќекратно се поврзани“, рече.

Двајцата државници нагласија дека сакаат да ги зајакнат и економските односи меѓу двете земји. Една од темите на вечершниве развовори беше и договорот на Европската унија и Турција за белгаците, како и продажбата на 40 борбени авиони од типот „Eurofighter“ на Турција.

Турскиот претседател својата кратка посета на Берлин ја започна попладнето со средбата со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кога двајцата истакнаа дека е неопходно да е смири ситуацијата на Блискиот исток во што спаѓа и ослободувањето на израелските заложници кои ги држи Хамас.

Ердоган често е критикуван во Германија поради неговите конзервативни и авторативни ставови, а најмногу поради големото влијаени што го има врз околу три милиона германски државјани со турско потекло.