Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на вчерашниот митинг на истанбулскиот плоштад Јеникапи изјави дека ќе го одобри повторното воведување на смртната казна доколку за тоа се изјасни Парламентот.
– Доколку нацијата донесе таква одлука верувам дека политичките партии ќе ја прифтат. За тоа ќе одлучи турскиот Парламент, имајќи предвид дека народот е носител на суверенитетот, а јас однапред потврдувам дека ќе ја одобрам одлуката на Парламентот, истакна Ердоган.
Тој им се обрати на оние кои укажуваат дека смртната казна е укината во ЕУ, потенцирајќи дека смртна казна постои во САД, Јапонија и Кина.
– Смртна казна денес постои во поголемиот дел од светот, додаде Ердоган.
Во говорот на митингот под слоганот „Демократијата и хероите“, турскиот претседател истакна дека мрежата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во САД, а кого Анкара го обвинува за обидот за пуч, мора да биде уништена на законски начин.
– Тие ќе ја платат цената за она што го направија, додаде Ердоган.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим, исто така, во своето обраќање нагласи дека Ѓулен ќе биде вратен во Турција и ќе ја плати цената за неуспешниот обид за државен удар во земјата на 15 јули.
Според агенцијата Анадолија, околу пет милиони луѓе присуствувале на митингот, на кој за првпат во историјата на Турција учествуваа власта и опозицијата. На собирот присуствувал и началникот на Генералштабот на турската армија, Хулуси Акар, кој им се обратил на присутните, што е прв случај во турската историја.
– Нашиот народ заедно со верните чеда на турската армија успеаја да го осуетат обидот за пуч. Предавниците, кои стојат зад превратот, ќе бидат казнети на најсуров начин. Нашите вооружени сили располагаат со врвни можности и му служат на народот, изјави Акар.