Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му предложил на својот руски колега по должност Владимир Путин, заедничко производство на напредните ракетни системи С-500, пренесува во четвртокот порталот Haber 3.
Ердоган, исто така, зборувал и за спроведувањето на договорот за набавката на руските системи С-400, на што се спротиставуваат сојузниците од НАТО, во прв ред САД.
„Русија ни овозможи кредит за набавка на С-400 под многу поволни услови. Во втората и третата фаза, ќе пристапиме кон заедничко производство“, го цитира турскиот челник агенцијата Anadolu.
Истовремено Ердоган одговорил и на критиките од страна на Вашингтон и НАТО во врска со договорот за испораката на руските ракетни системи, откако САД претходните години успеаја да ја одвратат Анкара од заедничкиот проект за развивање противовздушни ракетни системи со Кина, откако сојузниците на Турција одбија да ѝ продадат нивни системи.
„Зошто тие молчат во врска со С-300, кои ги има Грција? Таквата политика во однос на Турција е неразбирлива. Нашата одбранбена индустрија има своите потреби, и ние ќе се стремиме да го задоволиме“, рекол Ердоган.
Во декември 2017 година Турција и Русија потпишаа договор за заем во врска со испораките на противовздушните системи С-400. Анкара ќе купи две батерии од овој систем, коишто ќе ги опслужува исклучиво турски персонал. Двете земји, исто така, се согласија и за технолошка соработка во развојот и производството на С-400 во Турција.
Највисоките претставници на САД и на НАТО повеќепати ја критикуваа Анкара за оваа зделка. Така, помошникот американски државен секретар Вес Мичел, предупреди дека набавката на С-400 може негативно да се одрази на испораките на американските борбени авиони „F-35“ за Турција. Во Анкара тогаш одговорија дека во таков случај, ќе купат ловци од други земји.
„Авионите F-35 требаше да ѝ бидат испорачани на Турција, како што беше планирано. Но доколку има проблеми во тоа, Турција нема да остане без алтернативи. Може да купи и од Русија, или од која и да е земја од НАТО“, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушогли во интервју за телевизијата A Haber.
Ердоган, од своја страна, сега ги повика Соединетите држави целосно да ги исполнат своите обврски од договорот за испораките на спомнатите борбени авиони.
„Велиме дека САД се нашиот стратешки партнер. Меѓутоа, стратешките партнери не треба да нѐ тераат да тропаме на други порти“, го цитира Anadolu турскиот претседател Ердоган.