Ердоган му рекол на Бајден дека е одговорност на САД да обезбедат прекин на огнот во Газа

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во телефонски разговор му рекол на американскиот претседател Џо Бајден дека САД имаат историска одговорност да постигнат траен прекин на огнот во Појасот Газа што е можно поскоро, соопшти кабинетот на турскиот претседател во четвртокот.

„Продлабочувањето и продолжувањето на израелските напади во Газа може да има негативни регионални и глобални последици, му рекол Ердоган на Бајден“, соопшти кабинет на турскиот претседател.

„Историска одговорност на САД е да обезбедат траен прекин на огнот во регионот што е можно поскоро“, рекол Ердоган.

Според неговиот кабинет, Ердоган рекол и дека повлекувањето на американската безусловна поддршка за Израел може да обезбеди брз прекин на огнот и дека барањата за таков потег се сѐ погласни во последните денови во светот и во самите САД.

Ердоган и Бајден разговарале и за процесот на пристапување на Шведска во НАТО и односите меѓу Турција и САД, вклучувајќи го и прашањето за продажбата на американските борбени авиони „F-16“ на Турција која е блокирнаа во американскиот Конгрес, соопшти кабинетот на турскиот претседател.