Ердоган најави можна соработка со Израел во испораката на гас за Европа

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека Турција може да соработува со Израел во испорака на природен гас од Блискиот Исток во Европа и дека двете земји следниот месец ќе разговараат за енергетската соработка.

– Ние би можеле да користиме израелски природен гас во нашата земја, а освен тоа, исто така, би можеле да работиме заедно за да го доставиме до Европа. Се надевам дека овие прашања ќе ги имаме на агендата за време на посетата на израелскиот претседател Исак Херцог, истакна Ердоган.

Турскиот лидер вчера изјави дека Херцог ќе ја посети Турција кон средината на следниот месец. Турција настојува да ги подобри односите со регионалните сили од 2020 година.

Односите со Израел се затегнати бидејќи Анкара ја критикува израелската политика кон Палестинците и окупацијата на Западниот Брег.

Израел бара од Турција да се откаже од поддршката за палестинското движење Хамас. Двете земји ги повлекоа своите амбасадори во 2018 година поради вакви недоразбирања, потсетуваат медиумите.