Ердоган на масовниот предизборен собир ја нарече опозицијата „про-ЛГБТ“

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на масовниот предизборен собир во Истанбул, на кој според медиумите имало до 1,7 милиони негови приврзаници, ја опиша прозападната опозиција како „про-ЛГБТ“, засилувајќи ја реториката против своите противници една седмица пред претседателските и парламентарните избори за кои се очекува дека ќе бидат тесни.

Турција ќе ги спроведе претседателските и парламентарните избори на 14-ти мај, а некои анкети покажуваат дека Ердоган би можел да се соочи со најголемиот изборен предизвик во своите две децении на власт.

На собирот во неделата во мегалополисот Истанбул, турскиот претседател повторно се обрати на својата конзервативна муслиманска изборна база.

„Партијата на правдата и развојот (AKP) и другите партии во нашиот сојуз никогаш не би биле про-ЛГБТ, бидејќи семејството за нас е светост. Ќе ги ‘закопаме’ оние кои се про-ЛГБТИ во гласачката кутија“, рече Ердоган пред мноштвото поддржувачи.

Последните години Ердоган ја заостри својата реторика против ЛГБТ задниците, чии припадници се негови противници, често нарекувајќи ги „девијантни“. Во неделата, исто така, го нападна својот клучен противник Лемал Киличдароглу, кој е кандидат на опозицискиот сојуз.

„Моите луѓе нема да дозволат пијаниците да излезат на сцената. Мојата нација ќе го даде потребниот одговор на 14-ти мај. Нема да му дозволите на Киличдароглу, кој е рака под рака со терористите, да ја подели нашата татковина“, истакна Ердоган.

Ердоган го обвинува Киличдароглу за соработката и поддршката од прокурдските партии и го обвинува дека ја добил поддршката од забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) која од 1980-те години води сепаратистички бунт против турската држава во кој се убиени повеќе од 40.000 луѓе. Турција, САД и Европската унија ја ставија PKK на листата терористички групи, но многу западни турски сојузници им даваат политички азил или на некој начин јавно или тајно соработуваат со нејзините припадници.

Опозицијата претходно ги осуди изјавите на Ердоган како „реторика која предизвикува поделби“ и за „опасна кампања“.

На предизборниот собир во источниот град Ерзурум, кој е бастион на AKP на Ердоган, демонстрантите фрлале камења на градоначалникот Истанбул, Екрем Имамоглу, член на главната опозициска Републиканска народна партија (CHP), којашто од националистичка сѐ повеќе се свртува кон левиот центар. Имамоглу, инаку, се сметаше за главен политички опонент на Ердоган, но беше оневозможен поради судските процеси за финансиски малверзации од периодот кога бил градоначалник на истанбулски кварт.

Имамоглу подоцна тврдеше дека во споменатиот инцидент биле наводно повредени девет лица. Градоначалникот на Истанбул, кој би станал потпретседателот доколку на изборите победи Киличдароглу, на своите приврзаници им се обраќал од кровот на автобус, кога кон него полетале камења. Имамоглу го прекинал говорот и во автобусот го напуштил местото.

„Заминуваме поради вашата безбедност“, им порачал Иамоглу на своите приврзаници, додавајќи дека ќе поднесе кривична пријава против гувернерот на Ерзурум и началникот на тамошната полиција затоа што наводно го дозволиле насилството.