Ердоган на Трамп му предложил заедничка работна група за руските С-400

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му предложил во средата на својот американски колега по должност Доналд Трамп основање „заедничка работна група“ за купувањето на рускиот одбранбен ракетен систем С-400 за кој Анкара постигна договор со Москва и покрај острото противење на Вашингтон.

Во телефонскиот разговор со Трамп, Ердоган го „повторил турскиот предлог за покренување заедничка работна група за планот на Турција да ги набави ракетните системи С-400 од Русија за потребите на својата национална безбедност“, изјавил директорот за комуникации во кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун.

Анкара уште во април објави дека му предложила на Вашингтон основање ваква работна група, но дека не добила одговор.

Во телефонскиот разговор двајцата челници договориле состанок во рамките на самитот на Г20 кој кон крајот на јуни ќе се одржи во Јапонија, додал Алтун.

Договорот на Турција за купување на руските ракетни системи С-400 ги влоши дополнително и онака затегнатите односи по повеќе прашања меѓу Анкара и Вашингтон. САД неколкупати ја предупредија Турција дека се изложува на санкции поради оваа набавка, бидејќи би потпаднала под законот кој одредува санкции за секој ентитет или земја кои склучуваат договори за вооружување со руски компании.

САД, исто така, сметаат дека договорот на Русија и Турција, која е членка на НАТО, претставува закана за одбраната на Западот, додека Анкара тврди дека С-400 не е закана за авионите на Алијансата.