Ердоган навести дека Турција повторно ќе ја воведе смртната казна

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека Турција наскоро би можела повторно да ја врати смртната казна.

Ердоган, на погребот на жената која со своето единаесет месечно бебе загина во експлозија на бомба во близина на границата со Ирак, кажа дека Турција ќе продолжи да се бори против курдските бунтовници, кои турските власти ги сметаат за одговорни за нападот.

Жената на возраст од 24 години почина во вторникот со својот син во експлозија на бомба поставена покрај патот кога се враќала од посета на сопругот, наредник во турската војска. Таа загинала на местото на експлозијата додека детето подлегнало на повредите во болница.

Ердоган на погребот во средата во градот Сивас во централна Турција, изјави дека борбата против забранетата Работничка партија на Курдистан ќе биде продолжена „се додека постои барем еден терорист“.

Одговарајќи на повикот на насобраните да се воведе смртна казна, турскиот претседател изјави дека нема да се двоуми да ја потврди најтешката казна ако парламентот усвои таков закон. Тој додаде дека „чекорите што Турција ќе ги презема по ова прашање се близу“.

Во Турција, никој не е погубен од 1984 година, а оваа држава официјално ја укина смртната казна во 2004 година, како дел од напорите да се придружи на Европската унија.