Ердоган не замина на климатскиот самит поради спорот за безбедноста

Турскиот претседател Реџип Тајип Ердоган ги откажа плановите за учество на климатската конференција COP26 во шкотски Глазгов, откако Велика Британија не ги исполнила барањата за безбедносните аранжмани, соопштија двајца турски функционери за Reuters во понеделникот.

Ердоган се врати во Турција од самитот на Г20 кој викедов се одржуваше во Рим, наместо да отпатува на климатскиот самит во Глазгов, објави службената новинска агенција Anadolu. Од кабинетот на турскиот претседател не ги образложиле причините за неговото непланирано враќање во земјата.

Функционер кој сакал да остане анонимен рекол за Reuters дека имало проблеми со протоколот во врска со претседателовото планирано присуство на климатскиот самит. Друг турски функционер рекол дека британските власти не ги исполниле барањата на Анкара во поглед на протоколот и безбедноста.

„Претседателот донесе таква одлука, бидејќи нашите барања во поглед на бројот на возилата и некои други безбедносни барање не беа потполно исполенти“, рекол висок турски функционер за агенцијата.

Како што претходно беше најавено, Ердоган се надеваше дека во Глазгов ќе оствари важна средба со американскиот претседател Џо Бајден, но во неделата двајцата челници се сретнаа во Рим.

Во октомври турскиот парламент го ратификуваше Парискиот климатски договор од 2015 година, така станувајќи последната земја од Г20 која тоа го стори. Турција со години го одложуваше ратификувањето, наведувајќи дека таа не треба да се смета за развиена земја.

Ердоган минатата седмица рече дека Турција го потпишала меморандумот за разбирање, според којшто ќе добие заеми во вредност од 3,2 милијарди американски долари, а коишто ќе ѝ помогнат да ги исполни целите поврзани со честата енергија утврдени со Парискиот договор.