Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска за време на посетата на Брисел изјави дека Турција е подготвена да соработува со ЕУ за победа над терористите од групата „Исламска држава“, но и курдските сепаратисти.
– Иднината на ЕУ не може да се замисли без Турција, изјави Ердоган по разговорот со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, додавајќи дека членството на Турција во ЕУ останува стратешка цел на неговата држава, пренесува МИА.
Ердоган се заложи за блиска соработка на Брисел и Истанбул за решавање на бегалската криза и борба против тероризмот, повикувајќи да се „скрши рбетот“ на тероризмот.
– Ние не се бориме против било која етничка група туку против терористите кои се со крвави реце, истакна Ердоган, ставајќи ги групата Исламска држава и курдските сепаратисти во иста категорија.
Нема добри и лоши терористи, а курдските терористи не смее да се дозволи да се кријат зад борбата против ИД, истакна турскиот претседател, истовремено критикувајќи ги членките на ЕУ што даваат поддршка на курдските сепаратисти.
Турскиот претседател се заложи за воспоставување на зона на забранети летови над Сирија и создавање безбедни зони, како и за обука и вооружување на умерената опозиција на сирискиот режим.
Туск порача дека ЕУ мора подобро да ги контролира своите граници, како и дека тоа го очекува и од Турција.
Претседателот на Европскиот совет ја критикуваше Русија поради инцидентот во турскиот воздушен простор, како и поради ангажирањето на авијацијата на страна на сирискиот претседател Башар ал Асад.
– Конфликтот во Сирија не може да се реши со руско бомбардирање на легитимната опозиција во земјата, истакна тој.
Претходно и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг упати критика кон Русија поради интервенцијата во Сирија, истовремено повикувајќи да се почитува воздушниот простор на НАТО.