Ердоган: Нетанјаху го чека слична судбина како таа на Хитлер

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кого го нарече „касапот на Газа“, го чека судбина слична со таа на Хитлер. Ердоган денеска во турскиот парламент им се обрати на членовите на пратеничката група на Партијата на правдата и развојот (АК Партијата). Тој направи паралела меѓу холокаустот, геноцидот во Сребреница и израелските масакри што тие ги вршат во Газа повеќе од половина година.

„Запомнете, Хитлер не беше сам кога го изврши холокаустот. Многу земји во Европа го поддржаа Хитлер. Додека Хитлер вршеше безмилосни масакри и геноцид, тој се чувствуваше многу силен, моќен и непобедлив. Што се случи? Се застрела во главата, а неговото изгорено тело беше пронајдено во неговиот бункер, кој беше во урнатини, како Германија“, рече Ердоган.

Тој нагласи дека Европа и многу земји, исто така, застанаа зад водачите на босанските Срби, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ кога извршија масакри во Босна.

„Додека тие вршеа геноцид во Сребреница, која наводно беше под заштита на Обединетите нации, моќните земји во светот застанаа зад нив. Убија 8.372 наши босански браќа (маченици) пред очите на светот. Не ни помислуваа дека еден ден ќе треба да платат за тоа. И што се случи? Тие беа фатени, изведени на суд и оние некогаш „моќните“ политичари и геноцидни генерали беа повикани на одговорност. Сега чекаат смрт во затвор. „Не заборавајте, „касапот на Газа“ Нетанјаху и неговите соучесници во геноцидот во Газа, порано или подоцна го чека истата судбина“, подвлече Ердоган.

Ердоган потсети дека Палестинците денеска ја слават 76-годишнината од Накба и додаде: „Ја чувствуваме тагата на Накба исто колку и Палестинците, кои порано или подоцна ќе се вратат во своите домови. Нетанјаху и соучесниците во геноцидот ќе одговараат за секоја пролеана капка крв. Ќе извршиме притисок врз сторителите на геноцидот да одговараат пред законот“, подвлече Ердоган и додаде: „Немојте да мислите дека Израел ќе застане во Газа. Ако оваа неконтролирачка и терористичка држава не биде запрена, таа порано или подоцна ќе се сврти кон Анадолија со илузијата на ветената земја“.