Ердоган оцени дека нападот на Идлиб би бил масакр

Нападот врз сириската покраина Идлиб, којашто е една од малкуте преостанати области којашто е под контрола на џихадистите и бунтовниците кои ги поддржува Западот и околните сунитски земји, би претставувал масакр, а претстојниот самит во Техеран на кој ќе се соберат челниците ќе даде позитивни резултати, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, пренесува дневниот весник Hurriyet.

Русија повеќепати предупреди дека џихадистичката групација Хајат Тахрир ал-Шам, поранешната Џебхат ан-Нусра сириското крило на Ал Каеда, со помош на паравоена компанија од Велика Британија донела хемиски отрови во покраината Идлиб за да исценира наводно користење на хемиско оружје од страна на сириските владини сили, што ќе претставува оправдување за Вашингтон, Лондон и Париз да ги остварат заканите со воздушни удари против Сирија.

Во вторникот сириските и руските воздушни сили продолжиле со бомбардирањата од воздух врз бунтовничките позиции во Идлиб, што за Западот значи очигледен вовед во офанзива со големи димензии против последното големо упориште на сириските бунтовници.

„Ситуацијата во Идлиб е клучна за Турција. Таму се одвива нечовечен процес… Доколку на таа област тргнат ракети, ќе биде тоа тежок масакр“, тведи Ердоган.

Турција, којашто поддржува дел од бунтовниците против сирискиот претседател Башар ал-Асад, се надева на позитивен исход од самитот во Техеран кој ќе се одржи подоцна седмицава.

„На самитот во Техеран ќе го доведеме прашање до позитивна точка. Се надевам дека ќе успееме да го спречиме екстремизмот на сириската влада во овој регион“, изјавил турскиот претседател.