Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган рано во понеделникот изјави дека неговата владејачка Партија на правдата и развојот (AKP) не го постигнала посакуваниот резултат на локалните избори во неделата, додавајќи дека ќе се самокритикува и ќе работи на надминување на недостатоците.
Турците го казнија Ердоган и неговата партија на локалните избори ширум земјата во неделата, рушејќи ги надежите на претседателот да ја поврати власта во најголемите градови Истанбул и Анкара кои опозицијата ги освои во 2019 година.
Обраќајќи им се на поддржувачите во Анкара, Ердоган рече дека изборите не се крај, туку пресвртница за неговата коалиција, додавајќи дека изборниот циклус, кој започна од ланскиот мај и ја исцрпел турската економија, сега е завршен.
Владејачката AKP ги загуби сите поголеми градови на изборите на кои повеќе од 61 милион гласачи во Турција го добија правото на глас. Ердоган во обраќањето пред прврзаниците изјави дека не очекувале такви резултати, но дека „во сѐ има и нешто добро“.
„Ќе ја послушаме волјата на народот, како и во минатото. Народот ги кажа последните зборови. Ќе работиме со градоначалниците кои победија на изборите. Ќе се самокритикуваме. Имавме неуспеси“, истакна Ердоган.
Нагласи дека неговата влада има уште четири години да ги исправи своите грешки.
„Немаме избор во следните четири години. Ќе ги обновиме подрачјата погодени од земјотресот, ќе ја поправиме економијата“, рече Ердоган.
Актуелните опозициски градоначалници на Истанбул и Анкара прогласија победа на локалните избори во неделата, што значи дека партијата на турскиот претседател загуби во двата најголеми града во земјата.
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кандидат на најголемата турска опозициска Републиканска народна партија (CHP), прогласи победа, велејќи дека води со повеќе од еден милион гласови по преброените 96 отсто од гласачките ливчиња. Градоначалникот на Анкара, Мансур Јавас, исто така, од партијата CHP, прогласи победа во главниот град.