Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на самитот Г-20 во јапонска Осака во саботата имаше билатерални состаноци со претседателите на Русија и САД, Владимир Путин односно Доналд Трамп.
Главна тема, како и што се очекуваше, на состаноците беше испораката на руски одбранбени ракетни системи „С-400“ на Турција, на што Вашингтон остро се противи и се заканува со противмерки.
Руската агенција ТАСС пренесува дека Ердоган на состанокот со Путин порачал дека нема никакви одложувања во испораката на тоа оружје. „Нема одложување во процесот на испорака“, рекол Ердоган.
Како што пренесуваат западните светски агенции, Трамп, пак, по состанокот со Ердоган изјавил дека САД се наоѓаат во „комплицирана“ ситуација околу тоа како да одговори на договорот меѓу Турција и Русија за испораката на „С-400“, истакнувајќи дека е разговарано и за можни санкции.
Сепак, Трамп изразил разбирање за ставот на турскиот претседател и ја обвини администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама дека Турција ја условувале кога Анкара сакала да набави американски ракети „Patriot“.
„Бараме различни решенија. Тоа е проблем, околу тоа нема дилема“, рече Трамп.