Ердоган порача дека е подготвен во Сирија да оди сé до Ирак

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вети во петокот дека ќе ги протера курдските борци од целата граница со Сирија, заканувајќи се дека Турција би можела да ја прошири својата сегашна воена операција на северозападот од сириската територија сé до границата со Ирак.

Турската офанзива во регионот Африн во Сирија против курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) којашто ја смета за сириска фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), отвори ново боиште во долгогодишниот сириски конфликт и дополнителни ги влоши односите меѓу Анкара и Вашингтон.

Од почетокот на операцијата „Маслиново гранче“ минатата сабота, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупредува дека турските сили ќе продолжат да напредуваат на истокот од градот Манбиџ, ризикувајќи дури и судир со американските специјални сили станиционирани во овој претежно курдски град речиси на самата турска граница.

„Операцијата Маслиново гранче ќе продолжи сé додека не ги оствари своите цели. Ќе го ослободиме Манбиџ од терористите, како што ни е ветено, и нашата борба ќе продолжи сé додека повеќе нема да има ниеден терорист сé до нашата граница со Ирак“, рече турскиот претседател.

Манбиџ се наоѓа во претежно курдска област, околу 100 километри источно од Африн. Турција во четвртокот ги повика САД да престанат да ги поддржуваат курдските борци од YPG, доколку не сака судир со турските сили на теренот. Вашинготн ја смета YPG за корисен партнер, наводно за борбата против Исламската држава во Сирија, а Анкара потсети дека оваа џихадистичка групација е целосно разбиена и на сириска и на ирачка територија.

Анкара потврди во петокот дека Вашингтон предложил воспоставување на 30 километри долга „безбедна зона“ по должината на границата со Сирија, меѓутоа министерот за надворешни работи Мавлут Чавушоглу порача дека прво е потребно да се врати довербата меѓу двете држави.

„Доколку се бориме протви теророт заедно (со САД), или тоа ќе го правиме заедно или самите ќе се погрижиме за тоа“, порача во петокот Ердоган.