Ердоган порача дека Турција мора да произведува и покрај коронавирусот

Турција мора да продолжи да произведува во текот на пандемијата на коронавирусот за да го одржи извозот и снабдувањето со клучните продукти, изјави во понеделникот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, додека случаите на заразата во земјата надмина 10.000 лица.

Турските власти воведоа строги мерки на ограничувања на социјалните контакти, за да го спречат ширењето на коронавирусот. Првиот случај во Турција беше регистриран пред три седмици, а владата до денеска на населението не му наложи да остане во домовите.

Бројот на потврдените случаи во понеделникот се зголеми на 10.827 лица, објави министерот за здравство Фахретин Коџа. Досега починаа 168 лица.

Ердоган по седницата влада порача дека Турција мора да продолжи да произведува, откако претходно сонародниците ги повика своеволно да заминат во самоизолација.

„Сега најчувствителното прашање е продолжувањето на производството за да се одржи снабдувњето со неопходните продукти и извозот. Турција е држава којашто мора да го продолжи производството, тркалата да се вртат под сите услови и во сите околности“, истакна Ердоган.

Турскиот претседател покрана кампања за собирање донација за граѓаните кои имаат потреба од неопхода помош, посочувајќи дека самиот донирал седум месечни плати за оваа иницијатива којашто, како што наведе, досега собрала 11 милиони американски долари.

Ердоган, исто така, објави и дека турските власти ставиле под карантин 41 кварт, за да се сопре ширењето на коронавирусот. Анкара претходно ги запре сите меѓународни летови, ги ограничи патувањата во самата држава, ги затвори училиштата и угостителските објекти, ги запре масовните верски обреди и спортскиет настани.