Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, по самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС – SCO) во узбекистански Самарканд, изјави за стремежите на Анкара да стане полноправна членка на овој блок, пренесува во саботата турската службена новинска агенција Anadolu.
„Се разбира, ние не сме членка на Шангајската петорка. Тука сме како специјален гостин на покана на земјата домаќин Узбегистан. (…) Сега нашиот следен процес ќе бидат чекори до најнапредна фаза од оваа работа. Тоа е нашата цел“, рекол Ердоган по завршувањето на самитот на кој се сретна со колегите по должност на Русија и Кина, Владимир Путин и Кси Џинпинг, одговарајќи на новинарско прашање дали Турција ја разгледува можноста да стане членка на организацијата.
Турскиот челник додаде дека таквиот чекор може да биде на дневен ред на понапредно ниво во преговорите во Индија, којашто во следниот период ќе претседава со организацијата.
„Благодарение на овој чекор, нашите земји со овие земји (членките на ШОС) ќе бидат пренесени на сосема поинакво ниво“, додаде Ердоган.
Претходно во петокот кабинетот на индискиот претседател Нарендра Моди објави за средбата во Самарканд со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на маргините на самитот. Тоа беше нивната прва средба по две години, откако односите меѓу двете земји се заострија по коментарите на Ердоган за спорниот регион Кашмир со мнозинско муслиманско население.
Индиската влада на почетокот од 2020-та го повика на разговор турскиот амбасадор и му врачи протестна нота, откако Ердоган во текот на посетата на соседен Пакистан реле дека ситуацијата во Кашмир се влошува. Изјавата на турскиот претседател следеше откако во 2019-та владата на Моди ја укина широката автономија на Кашмир и ја стави под сојузна управа.
„Премиерот Моди и претседателот Ердоган разговараа за начините за продлабочување на билатералната соработка во различни сектори. Двајцата челници ги поздравија неодамнешните позитивни резултати во билатералната трговија“, објави кабинетот на Моди на Twitter објавувајќи фотографија од средбата.
Станува збор за неодамнешните договори со кои Турција купува повеќе пченица и ориз од Индија.
Членки на организацијата формирана во 2001 година се Кина, Русија, Индија, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан и Узбекистан. Азербејџан, Ерменија, Камбоџа, Непал, Турција и Шри Ланка, пак, се земји партнери на ШОС. Иран досега имаше статус на набљудувач, како и Белорусија и Монголија, но во четвртокот го потпиша меморандумот за полноправно членство.