Ердоган повикува на формирање исламска алијанса против експанзионизмот од Израел

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави во саботата дека исламските земји треба да формираат сојуз против „растечката закана од експанзионизам“ што доаѓа од Израел.

Неговите коментари уследија откако палестинските и турските официјални лица изјавија дека во петокот израелските сили убиле американско-турска државјанка која учествувала на протестите против проширувањето на доселеничките израелск населби на окупираната палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан).

„Единствениот чекор што ќе ја спречи израелската ароганција, израелското варварство и израелскиот државен тероризам е сојузот на исламските земји“, рече Ердоган на состанокот на здружението на исламските училишта во близина на Истанбул.

Тој, исто така, рече дека неодамнешните потези на Турција за подобрување на врските со Египет и Сирија се насочени кон „формирање линија на солидарност против растечката закана од експанзионизам“, за која тврди дека претставува закана и за Либан и за Сирија.

Ердоган оваа седмица беше домаќин на египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси во Анкара. Тие разговараа за војната во Газа и начините за подобрување на долго замрзнатите врски меѓу двете земји, како дел од првата ваква претседателска посета по 12 години.

Заладените односи меѓу двете земји почнаа да се подобруваат во 2020 година, бидејќи Турција започна дипломатски напори да ги намали тензиите со отуѓените регионални ривали, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.

Ердоган во јули рече дека Турција „во секој момент“ ќе упати покана до сирискиот претседател Башар ал-Асад за можни разговори за обновување на односите меѓу двете соседни земји, кои ги прекинаа односите во 2011 година по избувнувањето на сириската граѓанска војна.

Израел веднаш не ги коментираше зборовите на Ердоган во саботата.

Израелската армија по инцидентот во петокот објави дека ги разгледува извештаите дека еден странски државјанин „загинал во престрелка во областа. Деталите за инцидентот и околностите во кои жената била погодена се под истрага“.

Палестинските власти ја опишаа како 26-годишна активистка Ајсенур Езги Ејги од Сиетл, која имала и американско и турско државјанство.

Белата куќа во петокот го повика Израел да го истражи случајот на американската државјанка со турско потекло, која беше убиена од израелски војници во текот на протестите на Западниот брег.