Ердоган сака Маск да изгради фабрика за Тесла во Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го повика извршниот директор на Tesla, Елон Маск, да изгради фабрика за Тесла во Турција, објави „Анадолија“ на платформата на социјалните мрежи X.

Ердоган му го дал предлогот на Маск за време на состанокот во Турската куќа, облакодер во близина на Обединетите нации во Њујорк, објави турската државна новинска агенција во неделата навечер.

Маск во понеделник во Калифорнија треба да се сретне и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Маск објави на платформата X дека нивните разговори ќе се фокусираат на технологијата за вештачка интелигенција.

Ердоган е во САД за да присуствува на 78-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Во август, Tesla изрази интерес за изградба на фабрика во Индија за производство на евтини електрични возила (ЕВ).

Tesla има шест фабрики и ја гради седмата во Мексико во северната држава Нуево Леон, дел од напорите на производителот на електрични автомобили да го прошири своето глобално присуство.

Маск во мај изјави дека производителот на автомобили најверојатно ќе избере локација за новата фабрика до крајот на оваа година.

Покрај управувањето со Tesla, Маск ја купи и платформата X, порано позната како Twitter, за 44 милијарди долари во 2022 година.