Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска стави крај на мировниотт процес со Курдите.
Тој додаде дека е невозможно продолжување на мировниот процес во услови кога „милитантите ги поткопуваат национаното единство и интегритет“ на Турција.
Мировните преговори во ќорсокак
Турско-курдскиот мировен процес започна кон крајот на 2012 година, по што на почетокот на следната година Курдската работничка партија (ПКК) прогласи прекин на огнот и започна со повлекување на своите борци во северен Ирак. И покрај почетниот напредок, во последниве месеци мировните преговори западнаа во ќорсокак.
Јазот меѓу Турција и ПКК дополнително се продлабочи изминатиов викенд кога при напад на припадници на групата загинаа двајца турски полицајци. Нападот, уследи по бомбардирањата на турското Воено воздухопловство на позиции на курдските борци во северен Ирак во петокот, по што ПКК прогласи крај на примирјето.
Турските авиони ги извршија нападите врз позициите на ПКК, но и на џихадистичката група Исламска држава во Ирак и во Сирија, како одговор на минантонеделниот самоубиствен бомбашки напад во турскиот град Суруч, при што загинаа 32 лица.
Бомбардирањето врз позициите на ПКК во Ирак резултираше и со насилни протести на Курдите во повеќе турски градови, а минатата ноќ беше извршен напад и врз гасоводот за транспорт на гас од Иран до Турција, за што засега никој не презеде одговорност, пренесува МИА.
Курдската партија нема да биде забранета
Турскиот претседател Ердоган истакна дека иако мировниот процес се прекинува, властите нема да ја забранат курдската Демократска партија на народите (ХДП), која на изборите во јуни првпат обезбеди пратенички места во турскиот Парламент.
Меѓутоа, Ердоган нагласи дека не е исклучено против некои членови на партијата да бидат преземени мерки поради врски со милитантите.