Турција нема да ги прекинува своите врски со Русија ниту со Украина, повтори во понеделникот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, и додаде дека Анкара ќе го ограничи минувањето преку свотие теснеци за бродовите и на двете земји за да спречи ескалација на војната.
Турција, којашто е членка на НАТО, руската воена операција или инвазија во Украина ја нарекува „војна“, што ѝ овозможува да се повика на меѓународниот дооговор од 1936 година со којашто ќе им забрани на некои руски и украински бродови минување низ своите теснеци Босфорот и Дарданелите. Турција дели морска граница со Украина и со Русиај и со двете држави е во добри односи.
Ердоган, по состанокот на неговата влада, го критикуваше „нерешителниот“ став на САД и на западните сили во однос на ситуацијата во Украина нарекувајќи го „сигнал за пропаѓање на меѓународниот поредок“.
Додаде дека Турција нема да ги пренабрегне своите обврски во сојузите, вклучително и НАТО, но и дека не може да мине преку „националните интереси“ во сопствениот регион. Повтори дека руското дејствување го смета за „неприфатливо“.
Турските власти претходно во неделата соопштија дека блокираат преминување на воени бродови од клучните теснеци Босфор и Дарданели, согласно конвенцијата што обезбедува контрола врз преминувањето на воените бродови во стратешката област.
„Ги известивме двете земји од регионот и други места да не минуваат воени бродови низ Црното Море. Ја применуваме Конвенцијата од Монтре“, изјави министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.
Конвенцијата од Монтре потпишана во 1936 година, ѝ дава на Турција одредена контрола врз движењето на воените бродови низ Дарданелите и Босфорскиот теснец што ги поврзуваат Егејското Море, Мраморното и Црното Море.