Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупреди во средата дека Турција „нема нужно да ги исполни очекувањата“ на Шведска, кандидатка за членство во НАТО, на следниот самит на Северноатлантскиот воен блок во литванската престолнина Вилнус на 11-ти и 12-ти јули.
Потврдувајќи го своето присуство на самитот, Ердоган изјави „да, Шведска има очекувања, но тоа не значи дека ќе ги исполниме“.
Турција веќе 13 месеци го блокира влезот на Шведска во НАТО, а во меѓувреме ратификувајќи го пристапувањето на Финска, откако на Стокхолм и натаму му забележува за попустливост кон курдските активисти на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) и на оние на движењето FETO на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен на кои им дава политички азил и притоа не ѝ ги испорачува на Анкара лицата кои таа ги обвинува за териризам.
„За да можеме да ги исполниме тие очекувања, прво Шведска мора да го исполни својот дел“, додаде Ердоган пред новинарите во авионот кои го придружуваат на враќањето од посетата на Азербејџан.
По трилатералната средба меѓу Турција, Финска и Шведска пред една година кога беа договорени чекорите кои треба да ги преземат скандинавските земји за деблокирање на нивните кандидатури за членство во НАТО, нова трилатерална средба треба да се одржи подоцна во средата во Анкара, а на дневен ред ќе биде кандидатурата на Шведска.
На почетокот од јуни во Истанбул, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја повика Турција „што поскоро“ да донесе конечна одлука за пристапувањето на Шведска во Алијансата, оценувајќи дека Стокхолм „ги исполнил своите обврски“.
Меѓутоа, истовремено во Стокхолм се одржа нов собир против Ердоган и против членството на Шведска во НАТО, со учество на Одборот за Ројава, група за поддршка на курдските вооружени милиции во Сирија кои ги поддржуваат и вооружуваат САД, а кои Турција ги смета за сириско крило на PKK која води војна со турската држава уште од 1980-те години а покрај Анкара, на листата терористички организации ја ставија и САД и најголемиот дел земји од ЕУ.
„Не можеме да гледаме на тоа со одобрување (…) Што прават (шведските) полициски сили? Нивната работа е да ги запрат“, рече Ердоган во средата алудирајќи на претходните слични протести во близина на турската амбасада во Сткохолм кога данско-шведски екстремен десничар ја запали светата муслиманска книга Куранот а курдските активисти подоцна наопаку обесија кукла со ликот на турскиот претседател.
„Доколку не работите на тоа, нема да можеме (да кажеме ‘да’) во Вилнус“, предупреди Ердоган.
Турција којашто кон крајот на март го одобри влегувањето на Финска во Алијансата со која имаше слични спорови, заедно со Унгарија се двете преостанати земји членки кои сѐ уште не го ратификуваа шведското пристапување во НАТО.
Шведската влада во понеделникот најави дека на Турција ќе ѝ го предаде членот на PKK кој во Турција е осуден за трговија со дроги, одговарајќи делумно на еден од условите кои ги постави Анкара. Меѓутоа, турските власти бараат да им бидат испорачани уште десетици курдски активисти и борици кои во Шведска добиле азил, што Стокхолм го смета за невозмножно поради независноста на шведското судство кое ги забранува таквите екстрадиции.
Турција, покрај тоа, има забелешки на Шведска и поради нејзиното ембрарго за извоз на оружје и воена опрема, поради тоа што турските сили водат кампања против курдските милиции во соседната Сирија.