Ердоган тврди дека одбил милијарда евра помош од ЕУ

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави во понеделникот дека одбил европска помош од милијарда евра за прифаќање на мигрантите во Турција, во моментот кога илјадници луѓе се групираат на границата кон Грција.

„Разговараме со нив (со ЕУ). Ни велат: ‘Ќе ви испратиме милијарда евра’. Кого вие сакате да измамит? (…) Не ги сакаме повеќе тие пари“, изјави Ердоган на прес-конференција во Анкара придружуван од бугарскиот премиер Бојко Борисов кој во турската престолнина допатува токму по повод мигрантската криза.

Изјавата на турскиот челник доаѓа во моментот кога Европската унија изразува сѐ поголема загриженоста поради доаѓањето на илјадниците мигранти на грчката граница, откако Ердоган објави дека „ги отвора вратите“ за мигрантите и бегалците.

Претходно во понеделникот Ердоган ѝ префрли на ЕУ дека не сака „да го сподели товарот“ со Турција која прифатила според нејзиното тврдење околу четири милиони мигранти и бегалци, главно од Сирија.

Турскиот претседател, исто така, ги обвини грчките војници дека на грчко-турската граница „убиле двајца мигранти и еден тешко раниле“, но тоа не го поткрепи со докази.

Малку претходно во понеделникот, портпаролот на грчката влада ги нарече „лажни вести“ видеоснимката на којашто наводно се гледа како грчки војници убиваат сириски мигрант. Атина исто така ја обвини Анкара дека намерно ги пренесува мигрантите на грчката граница што го документираше со снимена изјава на сириски бегалец.