Ерга омнес: Република Македонија, оттука до вечноста!

„Македонски манифест“ вчера со отворено писмо се обрати до премиерот Заев и до министерот за надворешни работи Димитров нагласувајќи дека за македонските граѓани единственото ерга омнес решение е Република Македонија, оттука до вечноста.

– Премиере, во Софија испијте со Ципрас балканско кафе. Можете да се договорете и за летниот одмор, да го минете со своите семејства во Солун, или во Охрид. Сеедно. Може тоа, по ист начин, да го стори и вашиот (не знам дали е и наш, на народот) министер за надворешни работи, Никола Димитров, со бескрајно арогантниот Коѕијас. Тоа. Само веќе еднаш оставете го нашето име на мира, откажете се од наумот да го прекрстете сопствениот народ, кој е крајно збунет, депримиран од вас, и не знае за што ве родил. За живот или за гибел. Пред изборите ветивте живот, а сега на Македонците им нудите смрт. Идентитетска. За вас е шега тоа, бидејќи не е физичка, но сите антрополози, доколку знаете нешто од таа област, велат дека идентитетската смрт е најстрашна од сите видови смрт. И не знаеме веќе по кој пат ви го повторуваме тоа ние од „Македонски манифест“, во име на македонскиот народ кого го поставивте за идентитетско стрелање пред ѕидот на колективната смрт.

– Премиере, со која свест и совест, етика и морал, вие преговарате во името на народот за промена на неговото исконско име и идентитет. Вие и вашиот, како вас, со иста душа и „морал“, министер за надворешни работи? Знаете ли што е тоа име, дека е тоа онтолошка, а не политичка категорија со која секој политички идиот може да си игра како што сака? Ако не знаете, прашајте ги вашите соселани од Муртино, тие подобро знаат од вас што е тоа. Секој простосрдечен, обичен Македонец.

– Оставете ги советите на оној тотем од Кале, како и советите на европските политмајстори на македонската идентитетска смрт, ако сакате по вашата смрт нешто да преживее во меморијата на овој народ на кого, како што велите вие, сакате да му го сочувате достоинството. Демек со достоинствено решение за името. А кое е тоа? Ако не знаете, тоа решение единствено МАКЕДОНИЈА ЕРГА ОМНЕС! Оттука до вечноста! Како што беше тоа, всушност, и во овие минати неколку милениуми. Сфаќате ли? Како не можете да сфатете? Белки не сте технолошки производ во франкенштајновската лабораторија на Брисел, туку живо човечко суштество, составено не од алуминиумски делови и електрични жици, туку од крв и месо, зачнат од жив човек, а не од робот?

– Вашите западни спонзори, кои добро ја имаат проучено стратегијата на Пилат, ве користат како вода, макар валкана, да си ги измијат отсекогаш валканите раце. Тие го смислија, а вам ви ја доделија улогата, да го реализирате смртоносниот идентитетски проект, како вовед во обновениот европски фашизам, на повампирениот бриселски трет рајх. И вие со полна пареа последните месеци работите на него. Но знаете ли дека со тоа вие сте кандидати за злосторници на својот народ, кој ќе ве проколнува и на оној свет доколку бидете примени и таму. Евентуално во деветтиот круг на пеколот, кого Данте во својата „Божествена комедија“ го одделува за предавниците на родот. Знаете ли уште дека она што го заговарате да го направите, доколку веќе и не сте го направиле, а треба само да го обелодените, е злосторство против човештвото? Како што е тоа секој вид геноцид. А идентитетскиот е најстрашен – се вели во реакцијата на „Македонски манифест“.