Шведскиот произведувач на телекомуникациска опрема „Ericsson“ планира да отпушти 8.500 вработени ширум светот за да ги намали трошоците, се наведува во известувањето за вработените во кое увид имала агенцијата Reuters.
Во декември шведската компанија прогнозираше дека пазарот на опрема за мобилните мрежи од новата генерација 5G до крајот на 2025 година ќе расте за 11 отсто годишно, додека пазарот во целина би требало да стагнира. Предупредија, сепак, на знаци за подзапирање на активностите на неколку пазари.
„Некои наши клиенти, на пример оние во Северна Америка, прогнозираат помалку капитални инвестирања, по силно брзото градење (на мрежите) на почетокот од 2022 година“, изјави на средбата со вложувачите извршниот директор Борје Екхолм.
Многу телекомуникациски компании натрупале залихи од опрема во периодот на кулминацијата на пандемијата, па намалени се нарачките. Така американски „Verizon“ оваа година планира да потроши меѓу 18,25 и 19,25 милијарди долари, во споредба со минатогодишните 23 милијарди долари.
Поради тоа во „Ericsson“ планираат до крајот на 2023 година да ги намалат трошоците за околу девет милијарди шведски круни, или 880 милиони американски долари, на годишно ниво, порачаа од компанијата во средината на декември.
На почетокот од минатата седмица компанијата известила дека во матичната Шведска планира да отпушти околу 1.400 работници. Минатиот петок ги известиле работниците дека во филијалите ширум светот ќе отпуштат 8.500 работници.
„Спроведувањето (на планот) за намалување на бројот на вработените ќе се разликува од земја до земја, зависно од практиката. Во неколку земји бројот на вработените е намален уште оваа седмица“, изјавил во петокот извршниот директор Екхолм.
„Нашата обврска е да се елиминираат трошоците за да останеме конкурентни“, рекол Екхолм додавајќи дека компанијата можеби најмногу згрешила кога била „опиена од славата“.
Со тоа „Ericsson“ најави најголем бран откази во телекомуникацискиот сектор, по масовните откази во технолошките гиганти како „Microsoft“, „Metа“ и „Alphabet“ кои веќе отпуштија илјадници вработени поради стагнирање на економиите.